понеделник, 11 декември 2017 | Вести денес: 108 ново

Предупредување од експертите: Да го сопреме развојот на ова оружје, или ни претстои масовен масакр

Светлото на денот го видел можеби еден од најстрашните филмови за иднината, која се карактеризира со негативни и анти-утописки елементи.

Филмот не е дело на познат холивудски автор, туку станува збор за 7-минутен видео запис за иднината преплавена со технолошки остварувања. Вистинска хорор приказна.

Професорот Стјуарт Расел од универзитетот Беркли, во соработка со Институтот за иднината на животот, снимил 7-минутно видео кое остава без текст.

Во видеото се зборува за иднината преплавена со технолошки остварувања, меѓу кои се и некои опасни дронови, кои распознаваат лица и кои во себе ќе носат експлозивни направи, кои би можеле да предизвикаат масакри. Овој филм е еден од последните обиди на научниците да придонесат за глобалната забрана на развојот на автономни системи на оружје, чија цел е убивање без човечка контрола.

Ова видео е објавено во време кога во Женева се одржуваат состаноци меѓу земјите потписнички на Конвенцијата на ОН за конвенционално оружје. “Имаме можност да ја спречиме ваквата иднина, но просторот за делување се скратува. Доколку им дозволиме на машините самостојно да одлучуваат кои луѓе да ги убијат, ќе се уништиме самите себе, нашата безбедност и сопствената слобода”, рекол професор Расел.

Филмот прикажува над илјада студенти убиени во напади на десетина универзитети, откако дроновите прелетале на тоа подрачје. Некои од дроновите прикажани во филмот слетуваат на зграда и прават дупки во ѕидовите, за дроновите со експлозивни направи да можат да влезат внатре и да тргнат во потрага по некој одреден студент.

Иако овие сценарија засега не се возможни, експертите изразуваат голема загриженост поради забрзаното напредување на технологијата, која набрзо би можела да доведе до такви сцени, кои досега сме ги имале само по хорор филмовите.

Научниците предупредуваат дека неколку моќни држави во светот се сериозно блиску до овој момент, а во случај една земја да воведе вакво вооружување, тоа ќе значи дека сите останати ќе тргнат во трка со неа.

Поради ваквите можни сценарија, научниците од подрачјето на вештачката интелигенција со години предупредуваат да се донесат одредени забрани во развојот на автономното оружје.

Предупредувањето е дека таквото оружје еден ден многу лесно би можело да дојде во рацете на терористите, кои потоа би го користеле за масовни убиства.

На почетокот на овој месец, главните експерти од подрачјето на вештачката интелигенција, во Канада и во Австралија ги повикале своите влади да ја поддржат забраната за развој на автономни системи за оружје, пишува CNN.

tocka.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top