петок, 17 август 2018 | Вести денес: 2 ново

Познатиот италијански писател Клаудио Магрис одржа предавање за: „Книжевност, граници, идентитет“

Познатиот италијански писател Клаудио Магрис е прогласен за почесен член на Друштвото на писателите на Македоија. Плакетата за почесен член на Клаудио Магрис му ја предаде претседателот на ДПМ Веле Смилевски синоќа на свеченоста што се одржа во салата на Македонската филхармонија во Скопје.

Од вчера Клаудио Магрис престојува во Скопје, како учесник на манифестацијата „Недела на италинаската книга“ што се одржува во организација на Амбасадата на Италија во Скопје, Институтот „Данте Алигиери“ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Тој одржа предавање на тема „Книжевност, граници, идентитет“  во Малата сала на Македонската филхармонија, а второто предавање на тема „Како се раѓа книгата? Размисла, план, писмо“ се одржа денеска во Салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Одлуката на Друштвото на писателите на Македонија за прогласување за почесен член на Клаудио Магрис, еден од најголемите современи автори на италијанската и европската книжевност, е во знак на почит кон неговото значајно литературно дело и благодарност за творечките и духовни врски со македонската литература преку преводите на неговите дела објавени на македонски јазик. Од обемниот творечки опус на Клаудио Магрис, на македонски јазик се објавени книгите „Друго море“, во превод на Анастасија Ѓурчинова, „Микрокосмоси“ и „Запрена постапка“, во превод на Марија Грација Цветковска.

Клаудио Магрис е автор на дваесетина прозни и есеистички остварувања меѓу кои и на култниот роман „Дунав“. Делата на Магрис го поврзуваат личното искуство со колективната меморија, преку плодотворниот дијалог на културите и идентитетите кои опстојуваат на просторот помеѓу Средна Европа и Медитеранот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top