понеделник, 11 декември 2017 | Вести денес: 108 ново

Елиф Чаглар, турска музичарка : Музиката за мене претставува живот!

Во моето семејство немаше ниту еден музичар и тешко се прифаќаше фактот дека јас сакам да се занимавам со музика. Требаше време за тие да ја прифатат идејата дека ова дете цел свој живот ќе се занимава со музика. Се сеќавам дека уште како многу мала, на петгодишна возраст се обидував да свирам на пијано и да компонирам. Бидејќи немаше кој да ми биде пример, од кого да учам, секогаш посветував особено внимание на моето образование и до денес е тоа така, вели Елиф

Во рамките на „Есенски музички свечености“ вeчерва со почеток во 20 часот, во Домот на АРМ концерт ќе одржи уникатната Елиф Чаглар со нејзиниот џез квартет.

Елиф Чаглар студирала џез композиција на „Билги“ Универзитетот во Истанбул. Својот прв албум „1-10“ го издава со својот бенд „Bagdat Avenue“. Во 2006 година Елиф оди во Њујорк каде магистрира на „Арон Копланд“ академијата со почести, под менторство на легендарната џез вокалистка Шеила Јордан. Чаглар настапувала на голем број интернационални фестивали.
Нејзиниот прв носач на звук „M-U-S-I-C“ издаден од „Nu-Dc Records“ е прв во Турската музика историја со оригинални авторски композиции на англиски јазик и аранжмани напишани од жена вокалист. Во 2013 година Чаглар се вклучува во „ With Blues to Life“ албумот заедно со блуз мајсторите од Чикаго: Џими Брнс и Кетрин Дејвис. Додека работела на својот втор албум, Чаглар издала сингл со две оригинални турски композиции наречени „Hafif Batı Müziği“. Титулата најдобар џез музичар која ја доделува „Radyo Boğaziçi Music Awards“ ја добива два пати. Последниот свој албум „Misfit“ го издава во 2015 година.

Џез квартетот кој ќе настапи вечерва Елиф го сочинуваат: Чагри Сетел, Волкан Хурсевер и Едиз Хафизоглу. Разговаравме со неа пред концертот во Скопје.

Вечерва настапувате на Есенски музички свечености. Што ке слуша публиката?

-За вечерашниот концерт подготвивме специјален репертоар со кој ќе се претставиме пред скопската публика. Станува збор за песни кои ќе се изведат на турски јазик, но ќе преовладуваат песните на англиски јазик, кои со своите приказни претпоставувам ќе ја освојат публиката и ќе ги обземат љубителите на музиката.  Се обидовме да ги поврземе елементите на светската музика за да ги претставиме на вашата сцена и се надеваме дека вечерашниот концерт ќе биде пријатно доживување за посетителите.

Вие сте пејач, композитор, текстописец и продуцент. Како успевате се да завршите? 

-Семтам дека најважна е љубовта кон музиката. Јас имам огромна љубов кон музиката и уште на почетокот на мојата музичка кариера сакав да се специјализирам себе си, да се усовршам во, ако можам така да ја наречам, „кујната на музиката“. Тоа значи да не бидам само изведувач, само да пејам песни, туку и како да пишувам текстови, да компонирам, да аранжирам и да продуцирам. Така се развивав во таа насока и сеуште се образувам, сеуште учам до денес.

Каде се чувствувате најприродно. Во која од овие вокации?

-Навистина многу сакам да сум на сцена, да пејам, но на ова прашање би можела да одговорам, дека најприродно, најкомотно, без никакви стеги и задршки, се чувствувам кога сум на пијаното и кога компонирам.

Што претставува музиката за Вас?

-Можеби ова ќе биде клише одговор, но е вистина. Музиката  за мене претставува живот. Таа претставува енергија за живот, еден извор кој ја храни мојата душа и еден извор кој ме исполнува, така што мислам дека најсоодтвениот одговор на прашањето е: музиката за мене е еднаква на живот.

Вашите песни заронуваат длабоко, медитираат со љубов, ја слават младоста…Како создавате музика? Од каде се инспирирате?

-Животот е изворот на мојата инспирација. Не мора секогаш да биде нешто што лично сум го доживеала, туку и миг или настан од нечиј друг живот. Или да биде објект, место, мирис или звук…Некогаш и некоја приказна која ќе ја слушнам е доволна да ме инспирира.

Музичкото образование од Вашата биографија говори многу. Дали отсекогаш имавте желба да се занимавате со музика?

-Јас од најмала возраст се занимавам со музика.  Но имав некои потешкотии во смисла на тоа дека во моето семејство немаше ниту еден музичар и тешко се прифаќаше фактот дека јас сакам да се занимавам со музика. Требаше време за моето семејство да ја прифати идејата дека ова дете цел свој живот ќе се занимава со музика. Се сеќавам дека уште како многу мала, на петгодишна возраст се обидував да свирам на пијано и да компонирам. Бидејќи немаше кој да ми биде пример, од кого да учам, секогаш посветував особено внимание на моето образование и до денес е тоа така. Цело време се обидувам да најдам нови патишта за да се развивам, образувам и надградувам себе си.

Дали сте запознаени со македонската музика? Знаете ли некоја македонска песна можеби?

-За жал, морам да кажам дека не знам ниту една македонска песна, но верувам дека оваа моја посета на Скопје ќе биде можност за поблиску да се запознам со македонската музика, култура и уметност. Особено утре преку ден имам во план додека го разгледувам градот да посетам некои музички продавници каде ќе може да набавам Це-Де со македонска музика. Би можела генерално да ви кажам дека во балканската музика особено ми се допаѓаат вокалите и тоа е едно поле кон кое би сакала да се посветам. Верувам дека во иднина ќе имам малку повеќе време и можност да и се посветам на балканската и македонската музика. Ова пред се бидејќи тапанарот на нашата група потекнува од Бугарија и одлично ја познава балканската музика. Честопати ни свири балканска музика и имаме во план да реализираме во иднина проект кој би бил фокусиран на балканската музика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top