сабота, 18 ноември 2017 | Вести денес: 80 ново

Хан идната недела во Македонија

Еврокомесарот за проширување следната недела доаѓа во Македонија. Посетата на Скопје ја најави по средбата со Димитров и Османи во Брисел. Хан вели дека Владата ќе го искористи позитивниот момент и ќе се видат резултати од реформите со крајот на годината. Министерот за надворешни и вицепремиерот за евроинтеграции имаа состанок и со Федерика Могерини.

Брисел ја активира машинеријата околу Балканот. Унијата става акцент на државите од регионот. Зачестените средби на домашни политичари во седиштето на ЕУ и на европски дипломати во земјава го потврдува тоа. За следната недела посета на Скопје е најавена на еврокомесарот Јоханес Хан. На агендата планирани средби со претставници од политиката и од граѓанското општество.

Охрабрувачки пораки испратени од заменик-претседателката на комисијата Федерика Могерини. На средбата со двојката- Димитров и Османи, таа алармирала на интензивирање на реформскиот процес. Според кабинетите на двајцата министри, Брисел бара итност во правосудните, реформите на службите, економските реформи и добрососедските односи. Министерскиот двоец го презентирал сработеното од Планот 3-6-9 завршувајќи со, како што велат, успешно спроведените локални избори.

Како клучни моменти од суштинско значење за Македонија во претстојниот период биле подвлечени следните настани: објавувањето на Стратегијата на Јункер за ЕУ перспективите на Западен Балкан – февруари идната година, извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјава во април и самитот ЕУ- Западен Балкан во Софија за време на Бугарското претседателство со Советот на ЕУ, во мај.

Македонија сака да го искористи бриселскиот импулс, затоа смета дека претстојниот период е најдобар и за постигнување на напредок во процесот за спорот со името. Шефот на дипломатијата на билатерална средба со грчкиот колега Никос Коѕијас го констатирал ова. Наскоро се очекува обновување на разговорите за проблемот под покровителство на ОН. Не се исклучува следната средба на медијаторот со двете страни да биде во Брисел.

Како позитивен импулс, домашните политичари го гледаат и организираниот работен појадок на министрите за надворешни работи од земјите-членки од страна на Бугарија на кој имале можност да зборуваат за завршените задачи. Официјална Софија од јануари ќе претседава со Унијата.

Top