среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 21 ново

Загадениот воздух ги наполни македонските клиники со пациенти – секој ден по 20 загушени

 

Секој ден по 20 пациенти со гушење и проблеми со дишењето поради загадениот воздух бараат лекарска помош во посебната амбуланта која пред месец дена беше отворена на Клиниката за пулмологија за граѓани со влошено здравје кои имаат приоритетен упат, јавува Телевизија Сител.

-Имаме голем број на пациенти, имаме лекар кој секој ден е задолжен да ја води таа приоритетна амбуланта, изјави за Сител проф. д-р Дејан Доќиќ, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија.

Зголемен број на болни од аерозагадувањето има и во останатите амбуланти на Клиниката. Полни се и болничките капацитети во установата. Раководството прави напори да обезбедат кревет за сите кои се со влошена здравствена состојба и сериозни компликации. Статистиката на пулмологија бележи загрижувачки раст од 15 проценти секоја година на пациентите со Хроничка опструктивна белодробна болест. Само последниот период ова заболување е дијагностицирано кај 600 нови пациенти.

-Свесни сме дека овој период аерозагадувањето е зголемено и ние на клиниката имаме зголемен број на пациенти. Но сакам да потенцирам дека аерозагадувањето не е само од пм 10 честичките, туку тоа е сплет на повеќе загадувачи, како што се и издувните гасови и други загадувачи, додаде проф. д-р Доќиќ.

Покрај аерозагадувањето, главна причина за ХОББ е пушењето. Најчести симптоми се отежнато дишење, недостаток на воздух и зачестено искашлување на секрет. Во Македонија од ова сериозно хронично заболување страдаат 147.000 лица и е четврта причина за смртност кај возрасната популација.

Top