среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 21 ново

Премиера во Театар Комедија: „Бракот е брак“ е обид за осовременување на „Просидба“ од Чехов

Театарската екипа ја сочинуваат Роберт Ристов, Столе Мицов, Ева Скендеровска, Ердоан Максут и Миа Кантарџиева. Музиката на претставата е на Енес Беговски, кој исто така, игра во претставата како музичарот. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, а костимографијата на Марта Дојчиновска

Создавањето на една театарска претстава обработено преку комични ситуации што би се случиле кога режисерите и актерите би се виделе од дистанца, го разработува претставата „Бракот е брак“, на режисерката Теа Беговска.

Претставата е работена според „Просидба“ од Антон Павлович Чехов и ќе биде премиерно изведена утре во Театар Комедија во Скопје.

Директорката на театарот „Комедија“ Мирјана Поповска-Ристов, на денешната прес-конференција, изрази задоволство што ова е трета нова премиера од отворањето на новата сезона и се заблагодари на младиот и талентиран тим што безрезервно работеле и го збогатиле репертоарот со уште една добра и квалитетна претстава.

Театарската екипа ја сочинуваат Роберт Ристов, Столе Мицов, Ева Скендеровска, Ердоан Максут и Миа Кантарџиева. Музиката на претставата е на Енес Беговски, кој исто така, игра во претставата како музичарот. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, а костимографијата на Марта Дојчиновска.

Режисерката Теа Беговска рече дека претставата обработува цел еден процес на правење претстава и е обид за осовременување на „Просидба“ од Чехов.

– Обработува проблематики на режисерот, на актерите, на театарот како институција, видени низ ликот на директорот. Проблематики во однос на нашата работа, на она што се нарекува создавање на театарска претстава и дело на еден режисер, изјави Беговска.

Уметничкиот директор на театарот Сашо Ристовски, најави дека Театар Комедија продолжува со новата практика на новата управа за помагање и донирање на деца на кои им е потребна помош.

– Одлучивме, претставата „Мечка“ која на 29 ноември е на репертоарот на Театар Комедија, целиот приход од влезниците да го донираме за помош на малата Валерија, изјави Ристовски, и ги повика сите културни институции да ја применат оваа практика.

Top