среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 21 ново

Комедијата „Кец на десетка“ в петок премиерно во МНТ (видео)

Комедијата „Кец на десетка“ на авторот Митко Бојаџиски, в петок премиерно ќе биде изведена на малата сцена во Македонскиот народен театар.

Во претставата играат Александар Миќиќ-таткото Доксе, Тања Кочовска-мајката Грациела, Нина Деан-ќерката Ана и Ивица Димитријевиќ во улогата на Тоше.

– Сите актери се фантастични и со сигурност тврдам дека имаме хит – рече в.д директорот на МНТ Драган Спасов-Дац.

Дац информира дека режијата е колективна бидејќи сите биле вклучени во неа, во создавањето на претставата и играта.

– Идејата за оваа претстава ја имав уште во февруари. Почнавме да ја работиме оваа претстава, но потоа, поради обврски, јас морав да се повлечам. Презеде Јордан Симонов, а како што течеа пробите, така сите беа вклучени во претставата. Затоа велиме дека режијата е колективна – рече Дац.

Авторот Бојаџиски информира дека се работи за фамилијарна приказна од која се обидел да извади на површина се што е комично.

– Ја пишував како комедија и режисерот или глумецот, при процесот на работа, може слободно, природно, да го следи тој правец, таа комична линија и така се добива еден потенцијал кој овозможува креативно да се дополнува, да се збогатува претставата во зависност од концептот – рече Бојаџиски.

Актерката екипа оцени дека се работи за добра и интересна претстава, со секојдневна проблематика и изрази надеж дека публиката ќе се забавува.

На денешната прес-конференција в.д. директорот на МНТ Драган Спасов – Дац рече дека ја преработиле песната „Оnly you“ на Yazoo. Аранжманот и продукцијата е на Александар Митевски, а спотот на насловната нумера „Кец на десетка“ е сниман кај него.

„Кец на десетка“ е претпоследната претстава за оваа календарска година во МНТ, а последната ќе биде мјизиклот „Мама миа“ на 24 декември.

Top