среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 21 ново

Вечерва јубилејно издание на Македонскиот радиски фестивал

Македонскиот радиски фестивал, МАРС, оваа година ќе го прослави својот 10 годишен јубилеј. Традиционално, и оваа година ќе бидат избрани најпопуларните радиски хитови на годината, селектирани и испратени до организаторите од над 30 радиостаници во Македонија.

-Стигнавме да го направиме и десетиот македонски радиски фестивал кој последниве години многу повеќе заличува на манифестација отколку на фестивал. Ние уште пред неколку години го трансформиравме фестивалот и начинот на валоризирање и на наградување. Начинот на изведба на нештата се претвори во еден вид на манифестација која ги наградува како авторите така и изведувачите. По многу нешта останавме, не само единствени во земјава, туку и единствени во регионот. Кога почнувавме, веќе постоеја Хрватски радиски фестивал, Србија го имаше својот радиски фестивал и радискиот фестивал на Босна и Херцеговина. Нив повеќе ги нема, а ете ние опстанавме 10 години, истакна Антонио Димитриевски, организатор на МАРС 2017.

Информираше дека „Меморија“, кои се докажаа дека со децении може да опстојат на македонската сцена, на само неколку денови пред својот голем концерт ќе настапат на МАРС 2017.

-Повеќе од 100 изведувачи и 500 песни испратени од македонските радио станици беа разгледувани и најслушаните се најдоа на финалната листа. Истата беше оценувана од страна на посебно жири составено од претставници на национални и локални радија од различни региони од Македонија. Изведувачот кој ќе биде прогласен за апсолутен радиски хит за 2017 година добива парична награда од 60.000 денари, а за авторот на една од финалните песни чиј текст ќе биде прогласен како најдобар од страна на реномирани новинари од разни медиуми во Македонија ќе добие награда од 10.000 денари, соопшти Димитриевски.

Десеттото издание на МАРС повторно е во организација и продукција на КЦ „Александар Македонски“ и е поддржан од страна на Град Скопје, а ќе се одржи вечерва (вторник, 14.11.2017), со почеток во 20.30 часот во Македонска опера и балет.

Top