сабота, 18 ноември 2017 | Вести денес: 78 ново

Секое трето детe во Македонија е дебело

Едно од три деца во Македонија е со зголемена телесна тежина. Според податоците на УНИЦЕФ, 14 отсто од момчињата на 11-годишна возраст во Македонија се со зголемена телесна тежина во споредба со четири отсто во Европа. Препораката на нутриционистите е децата да внесуваат многу повеќе свежо овошје и зеленчук во секојдневната исхрана во вид на свежа ужинка и салати.

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс изјави дека едно од три деца во земјата е со зголемена телесна тежина. Причините за зголемена телесна тежина кај децата се комбинирани. Нутриционистите сметаат дека улогата на исхраната е 80 отсто, додека физичката активност е 20 отсто.

Во сите училишта во земјата учениците од четврто до деветто одделение денеска беа запознати со здравиот начин на исхрана, како една од целите на ОН. Министерката за образование и наука Рената Дескоска и претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс во основното училиште „Аврам Писевски“ во село Бардовци присуствуваа на одделенски час со деца од четврто одделение посветен на здравиот начин на исхрана.

Настанот, како што кажа министерката, е во контекст на заложбата заедно со градоначалниците да се преиспита квалитетот на храната што им се нуди на децата во училиштата. Дескоска најави дека во рамки на измените на законите што ќе бидат пуштени во собраниска процедура во догледно време ќе бидат внесени одредби што ќе значат казни за оние училишта каде не се почитува Правилникот за храна.

Правилникот е направен од нутриционисти со даден сооднос каков тип на храна треба да им биде понудена на учениците.

Важно е каква храна се внесува во училиштето но и дома, а децата, посочува претставникот на УНИЦЕФ, на пат до дома консумираат и брза храна.

– Правилната исхрана придонесува не само за физичкото здравје туку и за развојот на мозокот, за учењето, за правилниот раст, освен тоа не се работи само за количеството на исхрана, туку и за неурамнотежена исхрана, посочи Перкс.

Нутриционистото Сашко Дрвошански нагласува дека треба да се консумира храна во природна форма односно онака како што доаѓа од природата.

– Дали станува збор за растителните производи, овошјето и зеленчукот, или за производите што се од животинско потекло, сите тие треба да бидат вклучени како прехрамбени продукти секојдневно, затоа што сите носат различни нутриенти. Целта е храната да биде во најголема мера природна што помалку да ја обработуваме. Важно е многу поголем внес на овошје и зеленчук во секојдневната исхрана во вид на свежа ужинка и во вид на салати, рече Дрвошански.

Најголемиот глобален час, чиј дел е и Македонија, е иницијатива на светско ниво за запознавање на децата и младите со глобалните цели за одржлив развој и за поттикнување нивно активно учество во остварувањето на овие цели

 

Top