среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 21 ново

Жељко Јоксимовиќ: На музиката никогаш не можам да и речам доста е!

Јас и Драган Бјелогрлиќ веќе две години зборуваме за филм за Тома Здравковиќ. Сеуште не е сигурно дали тој филм ќе се снима. Ако имаме сретства ќе се реализира проектот, открива Јоксимовиќ

На 11 ноември, Жељко Јоксимовиќ повторно доаѓа во Македонија на голем концерт, но како што вели нема да биде тоа свинг музика, како што беше во МНТ. Ќе има изненадувања за публиката, ќе има гости, негови пријатели-пејачи и многу добра музика. Неговиот престој во Скопје го искористивме да поразговараме за концертите, работата, напорот, снимање филм, поезија…

Во Скопје го промовиравте албумот „Два света“ кој одлично беше прифатен. Од овде ја почнавте всушност турнејата. Што ќе слуша публиката на 11 ноември во „Борис Трајковски“?

-На 11 ноември ќе биде класичен поп концерт, кој не е како концертот „Два света“, но благодарение на прекрасните концерти од минатата година кои ги одржав овде во Скопје, јас „Два света“ ги издигнав навистина на едно многу високо ниво и тоа беше вистински ветер во грб кој го добив овде во Македонија за проектот. Тоа не значи дека до крајот на годината нема да направам уште еден или два концерти овде исто со „Два света“, но ова е сепак е нешто што се вика мој „core business“, со што навистина јас се занимавам и кој опфаќа големи народни маси, големи посети и секако ми е драго имајќи во предвид дека во салата „Борис Трајковски“ сум доживеал прекрасни концерти и громогласна поддршка на македонската публика на која со задоволство секогаш се враќам со тоа што секое следно враќање е обврзувачко да биде уште подобро. Подготвувам добар концерт, со добри музичари, со добар звук. Таа сала знае да биде незгодна за озвучување, но ние имавме среќа секогаш добро да звучиме и да се слушаме и сето тоа да изгледа многу добро. Можеби нема да верувате, но некои од снимките од концертите во оваа сала и денес сеуште знам да ги пуштам или да ги споделам на социјалните мрежи, бидејќи таков звук на публиката која пее во глас, а сето тоа во Македонија звучи интонациски многу точно, го пуштам и се сеќавам на тие убави моменти и тоа ми дава сила и поттик да продолжам да работам за концертот да биде колку што е можно подобар. Ако е тоа можно.

На сите ваши концерти имавте изненадување за публиката. Подготвувате ли сега нешто? Гости или можеби нова песна?

-Секогаш има некакво изненадување за публиката на моите концерти. Нема да кажам овојпат какво изненадување подготвувам, бидејќи во спротивно ако кажам нема да биде изненадување. Ќе имам гости, мои драги пријатели. Сигурен сум дека публиката ќе ужива и дека нема да има човек кој ќе излезе од концертот и да каже: „Види, не беше лошо“. Сигурен сум дека сите ќе бидат задоволни, а ние пак сме задоволни од продажбата на картите. Организаторите велат дека веќе се бара карта повеќе. Но, сето то се случува благодарение на публиката во Македонија која го сака тоа што го работам, но и јас секогаш кога ќе дојдам во Македонија се чувствувам специјално. Сакам да седнам во македонските ресторани, да разговарам со луѓето…некако се ми е убаво.

Ќе ве вратам наназад три-четири години. Настапувавте во Штип на „Пастрмајлијада“ и тогаш направивме интервју во кое изјавивте дека многу го сакате Охрид и дека имате намера да купите куќа таму. Дали сеуште стоите на таа идеја? До каде е реализацијата на тој план?

-Јас бев кум во Охрид на Водици и ми беше голема чест. Оттогаш сите кога ќе ме сретнат на улица во Охрид ми велат: „Здраво куме“ и тоа ми е најголемо богатство. Ако некогаш имам можност и сретства да купам некој апартман за да престојувам во текот на летото да се одморам, би бил многу среќен. Но, повеќе од се ми значи тоа што луѓето кога ќе ме сретнат се срдечни. Ми се чини како да се познавам со сите. Тоа е мала средина и кога шетате низ чаршијата сите те поздравуваат, па и ти поздравуваш. И тоа ми е некако супер. Тоа го нема во Белград. Во Белград ретко излегувам пеш и ако некој ме поздрави и јас отпоздравувам, но во Белград владее големо отуѓување. Тоа е многу брз град, мора да седнеш во автомобил за да стигнеш на едно место, а ако треба да одиш до друго место веќе ќе задоцниш. Охрид и Скопје…тие некои поинакви места. Овде има поголема приватност и јас во таа смисла сум мошне среќен кога ќе дојдам овде.

Работите неуморно: настапи, концерти, компонирање. Очигледно го работите тоа што го сакате, но тоа бара огромен напор и енергија. Дали некогаш се уморувате и си велите себе си: Доста е? Дали сте размислувале да работите нешто друго и што би работеле освен ова?

-На музиката никогаш не можам да и речам: Доста е. Не сте далеку од една потенцијална вистина, а тоа е дека оваа работа е многу тешка и дека има многу одрекувања. Кога само би замислиле колку месеци имам поминато во авион. Месеци! Не денови, месеци во воздух. И колку ми биле потребни енергија и одрекувања да дојдам на место каде што треба да одржам концерт. И тоа е многу тешко. Иако, јас сум многу среќен кога настапувам, публиката е прекрасна, тоа е огромен напор. Воопшто не е лесно. Многупати велат: „Еј пушти го него, лесно му е, оди да пее“. Таа цела подготовка, патувањето и пристигнувањето на концерт на одредена дестинација е многу тешко. Ние оваа година во јуни ќе го прославиме симболично илјадитиот концерт. Иако има повеќе од илјада концерти, но рековме, ајде симболично ќе го прославиме илјадитиот. Е сега замислете колку часови патување се тоа, колку часови свирење, пеење и се останато што секој концерт го носи. Така што не дека не сум размислувал за некоја друга работа, но повторно се враќам на она што најдобро знам да го правам, а тоа е музиката.

Постои ли нешто што би сакале да го направите, а досега не сте успеале да го направите? Имате ли некоја неостварена желба?

-Секогаш има желби. Јас понекогаш велам: „Желби има се повеќе, а време се помалку“. Се трудам секојдневно да му бидам благодарен на Бога што ми овозможил да се занимавам со работа која ја сакам, да имам прекрасно семејство, како што е моето, и да бидам здрав и способен сето тоа да го правам. Воопшто немам никаков страв дека ако замислам нешто ново, дека нема да го остварам, само е прашање на време и одлука дали воопшто си подготвен да направиш такво нешто во животот. Сигурен сум дека сум на вистинскиот пат.

Драган Бјелогрлиќ неодамна во Македонија ја промовираше новата серија „Сенки над Балканот“, но вие двајца подготвувате филм како продукциски партнери. Веќе сте соработувале на филмот „Ивкова слава“ за која Вие ја правевте музиката. Ќе ни кажете ли за што станува збор? Каков филмски проект подготвувате?

-Јас и Драган Бјелогрлиќ веќе две години зборуваме за филм за Тома Здравковиќ. Сеуште не е сигурно дали тој филм ќе се снима. Ако имаме сретства ќе се реализира проектот. Тој филм е нешто многу скапо. Се разбира, ние се трудиме да го снимиме, но доколку не се обезбедат сретства секако нема да го правиме. Наша желба е да ги сочуваме великаните од заборав. Тоа е како некакво потсетување со обврска. Филмот нема да биде за Тома, туку како го гледавме, уметничко гледање на сето она што тој за време на животот успеа да го направи и да го остави зад себе. Филмот треба да се прави според новелата која ја напиша Никола Пејаковиќ со кој пејачот пред точно дваесет години соработуваше на песната „Хаљиница боје лила“, во 1997 година, а која јас ја аранжирав. Ние тој филмски проект преку разговор и средби го работиме и тоа не е нешто што е од вчера и сметам дека ако направиме продукција, тоа ќе биде многу, многу добар филм.

Музиката на Тома Здравковиќ е антологиска. За неа можеби не постојат посебни моменти кога треба да се слуша. Која музика сакате да ја слушате за своја душа? Која музика ве опушта, на која уживате кога ја слушате?

-Ја сакам секоја музика која не ми создава нервоза. Најчесто слушам радио и кога ќе наидам на музика која ми создава нервоза веднаш ја менувам радио-станицата. Знаете некогаш и турбо-фолкот знае да биде симпатичен. Не бидете исклучителни, па да мислите дека кај турбо-фолкот има нешто од што им се гади на луѓето. Секој правец во музиката има своја причина за постоење.

Сакате ли поезија? Која е Ваша помилена книга поезија или поет, можеби?

-Сакам. Многу сакам да читам поезија, бидејќи поезијата многу повеќе ме допира отколку проза. Поезијата е еден спцијален израз, подлабок и поречит. Во поезијата со помалку зборови, отколку во прозата се кажува многу. Омилена поетеса ми е Емили Диконсон. Таа е одамна почината англиска поетеса, која пишува многу живописно, а починала млада, така што неа би ја издвоил како омилена авторка.

 

 

Top