четврток, 23 ноември 2017 | Вести денес: 98 ново

Вечерва на „Синедејс“ е филмот чиј режисер е Џорџ Клуни

По синоќешното отворање на 16. Фестивал на европски филм „Синедејс“, денеска почнуваат проекциите на филмовите кои се во трка за награди.

Во кино „Фросина“ вечер ќе бидат прикажани два филма од Официјалната селекција – белгиско-холандската копродукција „Бодкин Рас“ по сценарио и режија на Кавех Модири – филм за животни приказни на жителите во едно шкотско гратче (од 19 часот), а потоа „Плоштад Америка“ – филм кој третира тема за мигрантите, копродукција меѓу Грција, Велика Британија и Германија, во режија на Јанис Сакаридис (од 21 часот).

Претходно, од 17 часот во кино „Фросина“ ќе биде прикажан и филмот „Фадо“ од програмата „Синедејс плус“ кој е германско-португалска копродукција.

Во кино „Милениум“ се два филма од гала-програмата: од 20 часот е „Субурбикон“ на Џорџ Клуни и од 22 часот – иранско-францускиот „24 кадри“ – експериментален проект на режисерот на Абас Киаростами и негов последен филм пред смртта во 2016 година. Филмот е колекција од 24 кратки 4,5-минутни филмови инспирирани од статични слики.

„Субурбикон“ е мирна, идилична приградска заедница со пристојни домови и убаво уредени дворови – совршено место за семеен живот. Но, навидум мирната површина крие вознемирувачка реалност, а сопругот и татко Гарднер Лоџ р принуден да се справи со мрачни предавства, измами и насилства што се кријат во градчето. Ова е приказна за несовршени луѓе кои прават многу лоши избори во животот.

Од програмата Музички документраци во Џебното кино на МКЦ од 20 часот ќе биде прикажан белгискиот „Плукни и раздели“ во режија на Жером Вандерватин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето авторски текст е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текстови и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Top