сабота, 18 ноември 2017 | Вести денес: 80 ново

Ограбен скопски таксист: Го прашале колку да платат, па му ставиле нож под грло

Три момчиња ноќеска нападнале и ограбиле таксист во скопската населба Ѓорче Петров, при што му зеле 9.840 денари и рачен часовник. Како што е наведено во полицискиот билтен, ноќеска околу 02:20 часот на ул.„Ангел Динев“ во Скопје, во такси возило „Мерцедес“ управувано од скопјанецот В.М. влегле три машки лица на возраст од околу 20 до 25 години и му рекле на возачот да вози во правец на населбата Ѓорче Петров-2.

Кога стигнале кај бензинската на „Макпетрол“ тие побарале од таксистот да сврти десно на ул.„Панајот Гиновски“, а потоа застанале пред локален маркет. Од полицијата велат дека го прашале В.М. колку треба да платат, но во наредниот момент лицето што седело зад возачкото седиште извадило нож и му го ставило ножот под грлото со сериозна закана по неговиот живот.

Притоа, му го побарале прометот, а второто лице кое седело на задното седиште зад совозачкото го удрило В.М. со тупаница во пределот на лицето, додека третото лице кое било на совозачкото седиште од десниот џеп му одзело околу 9.840 денари, а од левата рака му го одзел рачниот часовник марка “Касио Едифис“. По ова трите лица излегле од возилото и побегнале.

Секторот за внатрешни работи Скопје превзема мерки за пронаоѓање на сторителите.

Top