понеделник, 11 декември 2017 | Вести денес: 108 ново

Договорот за добрососедство со Македонија доставен на ратификација во бугарското Собрание

Владата на Бугарија денеска и формално го достави на ратификација во бугарското Народно собрание Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија што беше потпишан на 1 август во Скопје од страна на премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов.

Како што се наведува во соопштението од прес-службата на бугарската Влада, ратификацијата на документот е израз на желбите на Бугарија да изгради добрососедски односи врз основа на европските вредности.

 Договорот, се наведува, ќе даде видливи резултати во однос на проширувањето на транспортните врски и комуникации меѓу двете држави, учество и обезбедување средства за регионални инфраструктурни и прекугранични проекти, како и олеснување на комуникацијата меѓу луѓето на двете земји.

Договорот  за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија формално ќе стапи во сила кога ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји. Со него се предвидува унапредување на севкупната соработка, а меѓу другото и формирање комисија за историско-образовни прашања на паритетна основа која треба да придонесе за објективно и засновано на докази научно толкување на историските настани поврзани со двете земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top