петок, 24 ноември 2017 | Вести денес: 1 ново

Потребни се конкретни активности и решенија за загадувањето на воздухот

Nermin-Telovska-200

Нермин Теловска, Магистер по Компаративна јавна администрација на Европската Унија

Според извештаите за квалитетот на воздухот на веб страната на министерството за животна средина и просторно планирање, загаденост на воздухот најчесто е проблем во Скопје, Тетово, Куманово и Битола. Живееме во време на брзо електронско информирање, па така граѓаните лесно доаѓаат до информациите за загаденоста на воздухот, преку соодветните апликации на нивните мобилни телефони или преку електорнските извештаи, на нивните компјутери. Ова доведува до зголемување на јавната свест за одредените состојби и навремено реагирање и дејствување кај соодветните институции, бидејќи, значењето на загаденоста на воздухот над одредени граници, предизвикува огромни штетни последици врз човечкото здравје и благосостојба.

Влијанието на загадениот воздух е негативно врз мозокот и нервниот систем, респираторниот тракт, срцето и крвните садови или кардиоваскуларниот систем, предизвикува иритација на кожата, и претставува ризик за малигно заболување на стомачните органи.

Според Светската здравствена организација, СЗО, загадувањето на воздухот претставува загадување на внатрешната или надворешната средина од страна на хемиски, физички или биолошки агенс кој ги модифицира природните карактеристики на атмосферата. Присуството на одредени загадувачи во концентрации кои се штетни за човекот и околината, претставува аерозагадување, или, тоа може да се дефинира како, секоја промена во физички, хемиски, билошки или радиолошки состав на воздухот која по својот квалитет или квантитет ги надминува физиолошките адаптациони способности на човекот или природната средина во целина. Загадувачите можат да бидат во форма на цврсти честички, течни капки или гасови. Освен тоа, тие можат да се природни или создадени од човекот.

Апаратите за домаќинство, моторните возила, индустриските објекти и шумските пожари се најчестите извори на загадувањето на воздухот. Загадувачите кои се загрижувачки по здравје и се од голем јавен интерес, вклучуваат честички, јаглерод моноксид, озон, азот диоксид и сулфур диоксид. Загадениот воздух ги носи најголемите опасности по здравјето на човекот, го скратува животниот век и доведува до сериозни болести, како што се срцевите, потоа болестите на респираторниот систем, па дури според некои извори и малигните заболувања. Во последно време, се добива впечаток на зголемување на ризиците од загадувањето на воздухот, особено за болестите на срцето и мозочен инсулт во споредба со минатото. Според различните светски искуства и литературата на оваа тема, загадувањето на воздухот го зголемува ризикот од заболувања кај населението и при кратката и при долгорочната изложеност на загадувачи на воздухот, поради што, кај граѓаните се јавува оправдана паника при секое јавно известување за нивото на загаденост на воздухот или уште повеќе, за некоја хаварија или еколошка катастрофа во некоја фабрика, рудник или слично. Посериозни се влијанијата врз здравјето на лицата кои се веќе болни, потоа децата, постарите лица и припадниците на социјално ранливите категории.

По извршената анализа на факторите на ризик, СЗО проценува поврзаност на загадувањето на воздухот со 4,3 милиони смртни случаи во 2012 година во домаќинствата кои готват на јаглен, дрво и печки на биомаса. Новата проценка се објаснува со подобри информации за изложеноста на загадување помеѓу проценетите 2,9 милијарди луѓе кои живеат во домовите користејќи дрва, јаглен или измет како нивно примарно гориво за готвење, како и доказ за улогата на загадувањето на воздухот во развојот на кардиоваскуларните и респираторните болести, како и малигните заболувања. Во случај на загадување на надворешниот воздух, СЗО дава проценка од 3,7 милиони смртни случаи во 2012 година од урбаните и руралните извори од целиот свет. Многу голем број на луѓе се изложени и на внатрешно и на надворешно загадување на воздухот. Поради ова се преклопуваат случаите на смртност од два извора на причини, не може едноставно да се стават на едно место, па оттука и вкупната проценка на околу 7 милиони смртни случаи во 2012 година.

Според организацијата за подобар воздух (Air Better organization), загадувањето на воздухот, не е само можен предизвикувач на срцев инфаркт, мозочен инсулт, белодробни заболувања, малигни тумори и пократок човечки живот, туку, новите истражувања го идентификуваат како можен етиолошки фактор во појава на аутизмот, вродени аномалии, дебелина кај децата и други состојби како, проблеми со учењето, Алцхајмер, депресија и дијабет. Ова е сликовито прикажано на сликата која следи.

Интересно е истражувањето за ефектите на загадувањето на амбиенталниот воздух врз сетилото за мирис (Gaurav, S. A., Helen, H. S., and Jayant, M. P., 2016), имено, се работи за ревиска студија која опфаќа 18 студии во кои е докажана поврзаноста помеѓу зголемената изложеност на загадувачи на амбиенталниот воздух и дисфункцијата на сетилото за мирис кај човекот. Студиите покажуваат контакт на загадувачите со епителот на сетилото за мирис, транслокација и миграција во делот на кортексот за мирис, ова значи, загадувачите можат да се депонираат на секоја локација, предизвикувајќи директно оштетување или нарушување на морфологијата на ткивото или причинувајќи локално воспаление и целуларен одговор на стрес односно соодветна реакција на зафатените клетки.

Патот на загадувачите низ дишниот систем преку вдишаниот воздух, започнува во носот, каде што малите влакненца и топлата, влажна околина, ефективно ги отстрануваат поголемите загадувачки честички. Воздухот потоа поминува низ ждрелото и гркланот, пред да дојде на влезот на душникот. Душникот или трахеата се дели на два дела, лев и десен бронх. Секој бронх потоа се дели на поголем број на помали составни делови. Најмалите од нив се викаат бронхеоли и содржат милиони воздушни меурчиња наречени алвеоли. Бронхеолите и алвеолите заедно ги градат белите дробови. И гасовите и честичките кои го загадуваат воздухот имаат негативен ефект врз белите дробови. Солидните честички може да се нафатат на ѕидовите на трахеата, бронхиите и бронхеолите. Најголем дел од овие честички се отстрануваат од белите дробови преку процесот на чистење од страна на цилиите, мали влакненца на клетките лоцирани на ѕидовите на дишните патишта. Ова се случува при кашлање и кивање. Кашлањето и кивањето ги враќа честичките во устата. Од таму или се голтаат или се исфрлаат од организмот. Сепак, најмалите честички може да стигнат до алвеолите, од каде треба недели, месеци, дури и години за да се исфрлат од телото. Загадувачките гасови може исто така да ја пореметат функцијата на белите дробови преку забавување на функционирањето на цилиите. Континуирано вдишување на загаден воздух може да ја забави нормалната акција на чистење и да предизвика поголем број на честички да достигнат до најситните порции на белите дробови. Белите дробови се органи одговорни за апсорпцијата на кислородот од воздухот и отстранување на јаглеродниот диоксид од крвотокот. Нивното оштетување од загадениот воздух може да придонесе кон појава на респираторни болести како бронхитис, емфизем или малиген тумор. Ова може дополнително да ја отежне работата на циркулаторниот систем. Опасните загадувачки супстанци во воздухот можат да предизвикаат и други поретки но потенцијално опасни здравствени ефекти, вклучувајќи малиген тумор и оштетување на имунолошкиот систем, невролошки, репродуктивни и развојни проблеми. Акутното изложување или експозиција на одредени загадувачки супстанци на воздухот може да предизвика моментална смрт. Следат податоци за изворите и штетните ефекти од поедини загадувачки материи со нивен краток опис, дадени во табели кои следат подолу во текстот, заради подобра прегледност (види табела број 1, број 2, број 3, број 4 и табела број 5).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текст е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторска содржина (текстови и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top