вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Германци ќе го постават лизгалиштетото на сцената на МОБ за „Оревокршачка“ на мраз

Вкупно три и пол тони мраз ќе бидат поставени на сцената на Македонската опера и балет (МОБ) за балетот на мраз „Оревокршачка“ кој ќе го изведе Државниот балет на мраз од Санкт Петерсбург, Русија на 4 декември. Поради голем интерес, наместо една, закажани се две изведби во 20 и во 22 часот на сцената на МОБ.

– Во Скопје доаѓа техничка екипа од Германија која го инсталира лизгалиштето на сцена. Бината ќе биде со димензии 20 на 15 метри и на неа ќе се постават 3,5 тони мраз – велат од „Прагма продукција“ која го организира настанот. Оттаму додаваат дека екипата која ќе дојде во Скопје ја сочинуваат 80 луѓе.
– Меѓу нив има врвни балетски уметници, танчари на мраз и техничка екипа која ќе го поставува мразот на сцената – додаваат од „Прагма продукција“.
Државниот балет на мраз од Санкт Петербург доаѓа повторно во Скопје, овојпат со изведба на претставата „Оревокршачка“ од Петар И. Чајковски. Станува збор за балетски спектакл на мраз што Државниот балет од Санкт Петербург го изедува на речиси сите светски балетски и оперски сцени.
Минатата година, Државниот балет на мраз гостуваше со изведба на познатото балетско ремек-дело „Лебедово Езеро” и побуди голем интерес кај македонската публика. Токму поради тоа наместо планираните две претстави во МОБ, се одржаа четири, кои беа наградени со громогласни аплаузи и овации.
Државниот балет на мраз од Санкт Петербург е основан во 1967 година од извонредниот кореограф Константин Бојарски и претставува успешно продолжение на традиционалната руска школа за класичен балет. Бојарски бил поранешен солист на светски познатиот балет „Марински“ и школски другар на славниот Рудолф Нуреев. Играл со Михаил Баришњков и Наталија Макарова. Музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин, познат руски диригент.
Во балетската компанија има повеќе од дваесет танчари што имаат титули во уметничко лизгање. Од 1995 година балетот на мраз од Санкт Петербург игра и на сцените на светските оперски и балетски куќи. На нивниот репертоар се познатите балети на Петар И. Чајковски – „Заспаната убавица“, „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, како и балетите „Ромео и Јулија“ и „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев.
Сите изведби ги поставува кореографот Константин Расадин. Оваа балетска компанија првпат ги постави класичните балети во класични костими и сценографија на мраз инсталирана на сцена на театар. Во последните години овие продукции успешно се претставени на сцените на САД, Канада, Европа, Кина…

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top