среда, 13 декември 2017 | Вести денес: 74 ново

Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ го слави вториот роденден

Овој викенд Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ слави две години од своето постоење. По тој повод на 27. и 28. октомври приредува голема, дводневна културна прослава за сите жители на Скопје. Главниот подарок од Јавна соба за граѓаните е изложбата „Тито во Африка – слики на солидарноста” која доаѓа од Музејот на Југославија во Белград и чие отворање е закажано во петок во 20 часот.

Вториот дел од роденденската прослава, забавата на три ката е во сабота, 28.октомври од 22 часот. Гостува диџеј Грамофонџије од Белград, а на останатите стејџови настапуваат Кирил Кузманов џез ансамбл, диџеј Алек Солтиров и диџеј Давор Палиќ.

– Овој викенд сите генерации, помлади и постари, ќе можат да се присетат како некогаш се живееше во земја со дигнитет, љубов, рамноправност, слога и солидарност, како е да бидеш дел од една високо респектирана  заедница во меѓународни рамки, како беше да бидеш Југословен! Фотографиите побудуваат емоции, нѐ враќаат во едно убаво време и поттикнуваат и денес да се бориме за едно такво убаво и стабилно општество. Скопје како град на солидарноста, целосно заслужува да биде прв домаќин на патувањето на оваа голема изложба во бившо-југословенските градови.

Многу млади, но и повозрасни луѓе веќе ја чувствуваат „Јавна соба“ за свој втор дом, некои препознаваат урбан топоним кој со гордост го претставуваат на странски посетители. Сведоци сме на голем број на иновативни настани во кои уживаме затоа што секој пат кога го поминуваме времето во „Јавна соба“ сме побогати со знаење, нови искуства и познанства.

Да научиме повеќе, да наздравиме заедно и да се стремиме кон уште поголеми успеси во годините кои следат! – најавуваат од „Јавна соба“.

Влезот за настаните е слободен и двата дена.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top