петок, 20 јули 2018 | Вести денес: 5 ново

Илја Леонард Фајфер, холандски писател: Џенова како град е мошне добра метафора за Европа како континент

„La Superba“ е метафора за Европа во целина. Тоа е од гледна точка на мигрантите кои ја гледаат на Европа, како место во кое е добро да се живее, да се биде таму, но истовремено е многу арогантна и тешка за да влезете и да успеете таму, вели Фајфер

Илја Леонард Фајфер (1968) е сестран автор. Пишува поезија, драми, есеи, колумни, репортажи, раскази, политичка сатира и романи во стилот на Рабле. Половина од критичарите го сметаат за гениј, а другата половина за ретростилист. Неговата последнообјавена поетска збирка е првата книга поезија што некогаш ги освоила трите најголеми поетски награди во Холандија.

Уморен од холандскиот државен систем што воопшто не создава неврози, овој уметник и естетичар се преселува во Џенова – топлиот приморски рај во кој најобичната задача се претвора во мини-авантура низ бирократскиот пекол – и ја оживува поетиката на градот преку полуавтобиографскиот и фантастичен роман „La Superba“. Романот е значајно дело за хаотичниот Цајтгајст и ги опфаќа темите како: емиграцијата, сексуалните идентитети, расизмот, бирократските лавиринти и, се разбира, љубовта. Фајфер е самокритичен и хумористичен и, ако нешто најмалку поседува, тоа е тешкиот, елитистички и снобовски карактер на интелектуалците.

Главниот херој, во кого препознаваме црти на самиот автор, ја истражува дивата страна на овој мистериозен и егзотичен град, полн со лавиринти и магија. Сè почнува со глетката на една женска нога, која го фрла раскажувачот во потрагата „по најубавата девојка во Џенова“, потрага што ќе го води низ улиците на проститутките, мигрантските засолништа, пристаништата, баровите полни морнари. Оваа книга е како џебно издание на „Пеколот“ на Данте, напишана од автор што ужива да оди во крајности, вистински мајстор на јазикот и на раскажувањето.

Разговаравме со него пред промоцијата на македонското издание на „La Superba“ со која се отвора Фестивалот на европската книжевност „Букстар“, во организација на „Антолог“.

Со промоција на македонскиот превод на Вашиот роман „La Superba“ се отвора Фестивалот на европската книжевност „BookStar“ . Дали ова е Ваша прва соработка со Фестивалот и со македонски издавач?

-Да, ова е моја прва соработка, ова е мое македонско деби. Првпат сум во Македонија и таа остави голем впечаток кај мене. Скопје е мошне фасцинантен град и се радувам на средбата вечерва со македонската публика. Мислам дека ова е прекрасен фестивал, го организираат со многу љубов и посветеност и активно ја вклучуваат публиката, читателите со литературата.

Дали досега имавте прилика да прочитате дела од некој македонски автор? Имате ли некакви познавања за македонската литература?

-Не, морам да признам дека досега немам никакви познавања за македонската литература. Мислам дека е мошне тешко да се најде на мојот мајчин јазик, на холандски преведено дело од македонски автори, но после мојот престој овде и по ова искуство ќе се потрудам да најдам нешто на англиски јазик, бидејќи станав мошне љубопитен.

„La Superba“ е наречено ремек-дело и громогласно фалено со самото објавување во 2013 година, кога ги доби наградите „Либрис“, најпрестижната литературна награда во Холандија, и „Цум“, наградата „за најубава реченица напишана на холандски јазик“. Добитник сте и на три најголеми поетски награди во Холандија. Како ги доживувате наградите? Што претставуваат тие за Вас?

-Се разбира, секогаш велев дека наградите се безмислени, дека се само комерцијални, дека за еден автор воопшто не треба да биде важно да добие награда. Но, потоа добив награди кои сосема го променија моето мислење. Особено наградата „Либрис“. Таа направи многу за мене во однос на читателите. Привлече толку многу читатели на книгата „La Superba“ за што сум им бескрајно благодарен. Тоа е суштината на она што го прават наградите. Голем број читатели стануваат љубопитни за наградената книга и наоѓате нови читатели и поголема публика.

Романот го посветивте на Џенова, градот во кој живеете. Очигледна е љубовта кон градот кој изобилува со богата историја, но што е она што за Вас е најфасцинантно во Џенова?

-Во мојот одговор на ова прашање може да разговараме за две различни работи. За мене лично, се вљубив во Џенова, во градот, богата историја, малечки, тесни улички, различни типови на луѓе и таа мешавина од нации кои живеат таму…Тој прекрасен град има мошне силна поетика за мене. Но, од друга страна, во книгата „La Superba“ е всушност Џенова. Тоа е книга за Џенова, но не е за Џенова туку за миграцијата, за фантазијата за подобар живот било каде и губењето во таа фантазија. Многу нешта во книгата се всушност метафора за состојбите денеска, за изгубените во соптвената фантазија за подобар живот. Исто така Џенова,  „La Superba“ е метафора за Европа во целина. Тоа е од гледна точка на мигрантите кои ја гледаат на Европа, како место во кое е добро да се живее, да се биде таму, но истовремено е многу арогантна и тешка за да влезете и да успеете таму. Џенова како град е мошне добра метафора за Европа како континент.

Фудбалот како религија го споменувате во романот…Во Италија се негува култот кон овој спорт. Дали Вие сакате фудбал?

-Не баш. Порано гледав, но мислам дека фудбалот го уништија парите и повеќе не следам фудбалски натпревари. Вистина е дека во Италија фудбалот е како религија. Таму еден дел од луѓето дат во црква на миса секоја недела, а други пак секоја недела одат во една друга црква, а тоа е да следат фудбалски натпревар. И тоа е како религија во која задоволството не е толку големо како кога се оди на миса во црква, каде се проповеда, бидејќи некогаш вашиот тим ќе изгуби во натпреварот и потоа страдате. Но, и покрај се  во недела треба да одите да следите натпревар исто како во црква. Навистина е како религија иако страдате. Исто така оваа религија во Италија има своја Библија, всушност тоа е подобро од Библија бидејќи се објавува секој натпревар, а тоа е розов весник кој се вика „Газета дела спорт“. Мислам дека всушност тоа може да биде идеја за Библијата за има свое дневно издание.

Во еден дел од романот велите : „Во мојата татковина, цел живот се ми беше лесно и живеев убаво. Но тоа беше премногу лесно и живеев премногу добро“. Ја пронајдовте ли возбудата што ја барате во Италија?

-Овој дел е всушност од автобиографскиот дел од романот. Не е се во романот автобиографско, голем дел е фикција, но ова е мошне блиску до она што јас навистина го чувствувам. Живеев во Холандија 40 години и навистина беше многу пријатно, удобно да се живее таму и лесно. Но, потоа кога се преселив во Џенова и одлучив да останам сфатив дека во Холандија сум ја загубил способноста да бидам изненаден. Се беше толку предвидливо. Можеби затоа што Холандија е таква земја, се функционира, нема изненадувања, што е добро кога заработувате или имате бизнис таму, но истовремено е мошне досадно. Во Италија ја чувствував сензацијата да се разбудам и животот во Италија е како да живеам во театар, во опера. Најнеобичните нешта се случуваат околу тебе и навистина го сакам тоа. Но, од друга страна сум среќен што сеуште работам во Холандија, таму ги заработувам парите. Не треба да работам во Италија, бидејќи во областа на финансиите, изненадувањата и театарот може да станат фрустрирачки. Јас го имам само забавниот дел од Италија.

Го опишувате и Рашид, емигрант кој продава рози, но ја плаќа сметката откако ќе замине… Сонува да живее во Европа, но таа воопшто не е онаква каква што ја замислува…Имавте ли некакви искуства со мигрантите?

-Да, всушност за оној дел од книгата која се однесува на сенегалецот Џи-Би правев многу истражувања и разговори со мигранти од Сенегал, Мароко, читав од весниците. За жал морам да кажам дека токму тој дел од романот за Џи-Би во најголем дел е вистинит. Единствено личноста Џи-Би не е вистинска. Тој е комбинација од различни приказни и случки ставени во еден фиктивен лик, но приказната е вистинска. Исто така по објавувањето на книгата имав можност да направам документарен филм за холандската телевизија за мигрантите и направивме серија од тоа. Тогаш разговарав за многу проблеми, за ситуацијата која сеуште ја следам. Мислам дека тоа е најважен геополитички проблем во моментов. Иднината на Европа како континент зависи од тоа дали ќе најдеме решение или начин како ќе се справиме со ова прашање. Ова е проблем на цела Европа, а не само на една држава сама да го решава проблемот. Треба да се има паневропски пристап за ова прашање.

Травеститите се прикажани низ интересни и вистинити случки. Ќе напишете :„Емиграти наспроти веќе полу-уништен државен систем, секс и mambo italiano“ Дали сето ова придонесува уште еднаш да се потврди фактот дека „La Superba“ е калеидоскоп на трагикомичната современост. Дали токму тоа Ви беше целта при пишувањето?

-Не сум сигурен. Кога почнав да пишувам, процесот во најголем дел беше интуитивен, немав некаков план во смисла каде би се движел романот. Ремек-дело, или нешто друго, не ми беше поентата. Сакав само да ја раскажам приказната. А потоа секогаш се интересирам да пишувам на начин на кој нема да го наметнам сопственото мислење. Всушност книгата не дава одговори, туку отвора неколку добри прашања. Кога почнав да ја пишувам „La Superba“ сфатив дека најдобар начин да го сторам тоа е да ги раскажам приказните за миграцијата, контрастните приказни. Има многу ликови во книгата кои се носени од сонот за подобар живот и сите на свој начин се губат во сопствената фантазија. Јас само ги кажав приказните и не давав свои мислење. Оставив на читателот да создаде сопствено мислење. Сметам дека тоа е задачата на литературата, да ги прикаже нештата, и да ги раскаже приказните и да ја смени точката на гледиштето на читателот и тој да почне да размислува. Ако сакам да го изразам сопственото мислење имам разлини начини: Секој ден пишувам за дневен весник, во колумни…таму го изразувам сопственото мислење. Тоа може да биде мошне олеснувачко, според мене. Но интересно е дека во романите може да се прикаже комплексноста. На пример, читателот на „La Superba“ ќе сфати дека резултатот на крајот многу покомплексен отколку што тој, или таа сметале или претпоставувале пред да ја прочитаат книгата. Сметам дека тоа е најдобрата работа.

Што претставува за Вас творењето? Како ја доживувате литературата?

-Творењето, креирањето за неме се неопходност. Отсекогаш, уште како дете имав потреда да создавам нешто. Да цртам да создавам мали фигурички…Уште како дете бев фасциниран од фактот дека може да создадеш нешто што пред тоа не постоело, а потоа постои. Рекреирана креација-магијата е во тоа. Сеуште сум мали дете кое е фасцинирано од магијата на креирањето на нешто што претходно не постоело. И за мене животот бил бил бесмислен доколку не постои тоа.

Одите ли на Саеми за книги? Ги сакате ли средбите со читатели, потпишување книги?

-Многу често посетувам саеми на книга и ги сакам, искрено. Најчесто поради тоа што пишувањето е мошне осамена професија. Можеби ќе ви требаат неколку години за да напишете роман и целото тоа време немате со кого да зборувате за книгата. Изолирани сте во креирање и таа промена во средбите со читателите и разговорите со нив за делото ми се извор на радост.

Неколку дена сте во Скопје? Како го доживувате?

-Во Скопје сум три дена и многу ми се допаѓа. Апсолутно се што пишувам се поврзано со фантазијата и реалноста, фактите и фикцијата, вистината и лагата и мислам дека денеска е многу тешко да се повлече линија меѓу овие категории. А Скопје како град е многу во сето тоа. Изгледа како град кој би можел да го измислам во некој од моите романи.

Ќе напишете ли роман за Скопје можеби во иднина?

-Можеби. Градот е инспиративен и никогаш не знаете што би можело да ве инспирира во иднина. Останувам до недела и имам време да размислувам

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top