четврток, 23 ноември 2017 | Вести денес: 90 ново

Трамп го размрда светот: Подготвен сум да објавам тајни документи за атентатот врз Кенеди

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на својот налог на Твитер објави дека доколку добие „дополнителна информација“ ќе објави илјадници тајни документи од Националниот архив поврзани со атентатот врз 35-от претседател на САД, Џон Кенеди.

– Под услов да добијам дополнителна информација, јас како претседател ќе дозволам да бидат објавени документи за Кенеди, кои долго време беа блокирани и класифицирани, објави Трамп, без да прецизира за каква „дополнителна информација“ мисли.

Електронскиот весник „Политико“, повикувајќи се на извори во американската Администрација, вчера објави дека Трамп најверојатно ќе дозволи објавување на околу 3.100 документи, кои досега не и биле познати на јавноста, како и приближно уште 30.000 други документи, од кои во минатото биле објавувени само делови.

Овие документи се наоѓаат во Националниот архив на САД и треба да бидат декласифицирани на 26 октомври, освен ако Трамп не го блокира тој процес.

Овие документи беа ставени под ознаката „строго доверливо“ во 1992 година со одлука на тогашниот американски претседател Џорџ Буш Постариот, со која се воведе 25-годишна забрана за објавување на овие податоци поврзани со атентатот врз Кенеди.

Ваквата одлука на Буш уследи по прикажувањето на филмот „Џ.Ф.К.“ на Оливер Стоун во 1991 година, во кој беа изнесени тврдења за заговор на американските власти за убиство на Кенеди.

По ова, во 1992 година беше формирана независна комисија за истрага на атентатот на Кенеди, со задача да утврди кои документи за овој случај треба да бидат објавени, а кои да останат како тајни во Националниот архив. Врз основа на извештајот на комисијата беше донесена одлуката на Буш за забрана на објавување на некои документи за атентатот до 2017 година, со цел „заштита на националната безбедност“.

Според изворите на „Политико“, американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) вршела притисок врз Трамп да забрани декласификација на овие документи, со образложение дека со нивно објавување „би можеле да бидат разоткриени методите на работа на разузнавањето, но и да бидат обелоденети имињата на информаторите“, кои и помагале на ЦИА во истрагата, меѓу кои „некои можеби се уште се живи“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текстови и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Top