среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 86 ново

Трајковски со докази го замолкна Георгиевски: Ветуваш проекти кои се реализирани

Кандидатот за градоначалник на општина Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Трајковски вечерва во дебатата на телевизијата Канал 5 на протувкандидатот од СДСМ, Борче Георгиевски му посочи дека во програмата ветува проекти кои веќе се реализирани или се во тек на градба.

Трајковски приложи и неколку слики за да докаже дека во програмата на Георгиевски се вметнати проекти кои се веќе реализирани од страна на актуелната локална самоуправа.

-Вели во програмата дека ќе изгради ново основно училиште „Вера Јоциќ“. Јас еве ќе покажам дека основното училиште „Вера Јоциќ“ веќе има еден спрат изградено. Граѓаните не можат да се лажат, граѓаните во општина Гази Баба знаат да препознаат лага, истакна Трајковски.

Тој покажа и слики од рефлекторите на спортското игралиште во Колонија, проект кој сега го ветува Георгиевски.

-Тие веќе лани беа изградени. Еве ги рефлекторите, лани се изградени и тоа е исто лага која е во програмата, рече Трајковски.

Кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ исто така приложи и слики и од веќе асфалтираната улица „24“, која е вметната во програмата на Георгиевски.

-Тој вели во програмата дека ќе се асфалтира. Не може една улица која е асфалтирана повторно да се асфалтира. Таа ќе се асфалтира кога ќе има нови дупки по 5 или 10 години, посочи Трајковски.

Нагласи и дека поставувањето на подземни контејнери во населбата Триангла е исто така лага, бидејќи таму веќе има поставени такви контејнери.

-Подземни контејнери ќе поставел во Триангла, тие се веќе поставени. Значи на истите места каде што ние сме ги поставиле, во истите места ќе поставеле и тие, потенцира Трајковски.

Top