петок, 24 ноември 2017 | Вести денес: 74 ново

Трајковски: Сите судски институции пресудија дека законски сум постапувал за „Космос“

Градоначалникот на општина Гази Баба и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за истата функција, Тони Трајковски, вечерва гостува во „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија.

Водителката го праша Трајковски дали товарот на обвинението од случајот на СЈО против него во врска со „Космос“, влијаел на изборните резултати. Тој одговори дека највисоките институции докажале дека се е спроведено според закон и дека граѓаните на Гази Баба тоа го знаат.

-Убеден сум дека тоа што беше монтирано како политички случај воопшто не влијаеше кај нашите жители. Целокупната постапка беше спроведена согласно позитивните законски прописи и за тоа општина Гази Баба и ние добивме преку 30 судски одлуки со кои што се докажа законитоста на нашето постапување. Убеден сум дека тоа не влијае, напротив, докажавме и кај граѓаните дека постапуваме неселективно, односно, знаеме да се бориме со олигарсите и градежната мафија. Општина Гази Баба покажа и докажа дека мора да владее ред и да владее закон за секој жител во општината. Законот важи подеднакво, без разлика дали некој е богат или сиромав, дали е некој политички активен или неактивен. Не правиме селекција. За жал, случајот доби политички рамки, но потенцирам дека и Управниот суд и Вишиот Управен суд и Уставниот и Врховсниот суд, сите судски институции во Република Македонија донесоа пресуди со кои што се докажа нашето законско постапување, истакна тој.

Трајковски потенцира дека изминативе години јасно се докажа дека станува збор за политички монтиран процес.

-Дури и самиот инвеститор си потврдува во сите оние дописи, преписи кои ги имавме со него. За жал не успеав со нив да се соочам на дуели каде што ги повикував и обвинителката Катица Јанева и Фијат Цановски како инвеститор. Јас сум спремен и сега ако сакаат да излеземе на дуел и да ги извадиме аргументите и доказите, а знам зошто не сакаат да се соочат со мене. Затоа што аргументите и доказите се на наша страна, истакна тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторска содржина (текстови и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top