четврток, 23 ноември 2017 | Вести денес: 97 ново

Ристовски: Изборните нерегуларности продолжуваат и во вториот круг

Претседателот на Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски денеска на прес-конференција рече дека постојано добиваат информации за огромни изборни нерегуларности, злоупотреби, кршења на процедури и притисоци.

– Изборниот ден помина во тензична атмосфера со прекини на гласањето на повеќе места, поткупи и евидентирани уцени. По завршувањето на гласањето на повеќе локации низ државата забележано е недостаток или вишок на гласачки ливчиња. На голем број места не соодветствува бројот на ливчињата и бројот на потпишани граѓани што гласале, што укажува на сериозни сомневања за организиран т.н. бугарски воз, со што се наполнети кутиите со однапред заокружени гласачки ливчиња за кандидатите на СДС:

1. Имено гласачко ливче од општина Карпош е најдено во гласачки кутии во општина Охрид, гласачко ливче од Велес е најдено во гласачки кутии во Струмица.
2. Во Гевгелија на избирачкото место 334 по затворање на гласачко место констатирано е дека недостасува гласачко ливче и од листата за советници но и од листата за градоначалници, што е и заведено и во записникот, додека во општина Берово, во селото Русиново ливче од листа на советници недостасува во рамки на утврдениот број на истите. Ова се сериозни докази дека има сериозни сомневања за спроведен изборен фалсификат со таканаречен метод на бугарски воз.
3. Според утврденото од терен и информациите објавени по медиумите постојат основи на сомнение дека биле испечатени и паралелни гласачки ливчиња, едни за потребите на ДИК, други за потребите на СДС, кои однапред им биле давани на гласачите. Доказ за ова се пронајдени гласачки ливчиња во Ресен со ист сериски број.
4. Бројни нерегуларности поткрепени со докази и факти, беа премолчени и релативизирани од страна на ДИК. Мнозинството членови на ДИК од СДС заедно со претседателот Чичаковски во видно нервозна атмосфера ја водеа синоќешната седница, каде очигледни незаконитости беа прескокнувани, а ДИК остана со врзани очи на криминалните избори, рече Ристовски.

Тој кажа дека и во текот на изборната кампања бил забележан поткуп на гласачи, злоупотреба на полицијата и државните институции, заплашувања и уцени врз гласачите и дека се тоа било фото и видео документирано.

– Медиумите навремено алармираа за состојбите на терен, меѓутоа во државните институции кои треба да ги превенираат овие изборни нерегуларности владее апсолутен молк. Институциите се ставени под контрола на СДС и го премолчуваат очигледниот факт дека изборната кампања помина во светло на изборен криминал. Надлежното јавно обвинителство и државните институции молчат и не реагираат за фото и видео документираниот поткуп во Велес, каде активисти во друштво на државни фукнционери именувани од СДС во придружба на полицијата купуваат гласови и Прилеп, каде директорот на центарот за социјални работи во придружба на партиски активисти на СДС делат брашно и други прехранбени намирници во населбата Тризла, рече Ристовски.

Како што кажа тој, изборниот поткуп продолжува и за време на вториот круг. Синоќа во село Булачани медиумите објавиле дека партиски активисти на СДСМ делеле прахранбени продукти, рече тој.

– Од сите информации и докази кои ги имаме може да се констатира дека ова се најнерегуларните избори некогаш спроведени во независна Македонија, целосно во знакот на директните уцени и поткупот. Граѓаните заслужуваат да живеат во демократска држава, каде владее правото и се почитува правната држава. Одговорност за ова мора да има и ќе има, рече Ристовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето авторски текст е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текстови и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Top