среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 86 ново

Успешна промоција на романот „Анаис од Монмартр“ од авторката Јана Мишо

Романот „Анаис од Монмартр“ од младата авторка Јана Мишо, вчера (19 октомври) беше промовиран и на македонски јазик, во книжарницата „Литература.мк“ на улица Македонија. Романот е во издание на Арс Либрис, дел од Арс Ламина публикации.

Со оглед на тоа што оригиналната верзија од книгите е на англиски јазик, на вчерашната промоција на романот „Анаис од Монмартр“, авторката изјави: „Природно ми дојде да пишувам на англиски јазик. Немав намера книгите да ги издавам на македонски, па дури не ни очекував некогаш да излезат од фолдер, но ете, излегоа и денес се достапни на широка публика.“

Како одговор на прашањето зошто токму Париз, Јана изјави: „Ако веќе мораш да бираш каде да ја бараш смислата на животот, почни од Париз. Париз ми е инспирација на секое ниво, па кога решив да пишувам урбана приказна, ми беше задоволство да ја сместам токму во овој светски град.“

„Нашата книжарница од денес е побогата со уште едно игриво четиво, овој пат од младата авторка Јана Мишо. ’Анаис од Монмартр’, би рекла, е едно забавно навраќање кон себеси, тет-а-тет со сопствената амбиција, (конструктивна) тврдоглавост, бунтовност… Низ ред препирки и ред надмудрувања, се изнедрува една љубов. Оваа е книга што не уморува,“ изјави Бисера Бендевска, уредник на романот „Анаис од Монмартр“.

Авторката Јана Мишо и нејзините два романи на англиски јазик – „Almost Parisian“ и „Anais from Monmartre“, минатата недела ја доживеаја својата меѓународна промоција на македонскиот штанд на најголемиот саем на книга во Франкфурт, а на вчерашната промоција во Скопје се покажа дека и кај нас постои огромен интерес за овој жанр.

На Саемот за книга во Франкфурт, Бранка Бугариска, од издавачката куќа „Арс Ламина“ која ги издаде овие книги, изјави: „Првпат промовираме книги од жанрот романтична комедија, но според реакциите на посетителите кои дојдоа на промоцијата гледаме дека има интерес. Се одлучивме за директна промоција и поканивме дел од нашите партнери кои се овде во Франкфурт и веќе имаме најави за можно издавање и продажба на овие книги и во други земји“.

Промоцијата на Мишо и нејзините книги продолжува и следната недела (22-29 октомври) на Саемот на книга во Белград.

Top