петок, 24 ноември 2017 | Вести денес: 71 ново

Големи инфраструктурни проекти за слободно и побрзо движење во регионот, порачаа од САМИТ 100

На 6-тиот годишен настан САМИТ 100 за Бизнис лидери од ЈИЕ, чиј што фокус беше „Поврзување“ на регионот како основа за зајакнување на соработката преку економска и транспортна поврзаност, но и политичка координација и стабилност, беше заклучено дека се неопходни големи инфраструктурни проекти кои ќе овозможат слободно и побрзо движење на луѓето и стоките, како и дигитализација која е двигател на промените.

Самитот се одржа на 16 и 17 октомври во Скопје на кој присуствуваат повеќе од 150 еминентни претставници на бизнис секторот од ЈИЕ, премиери од 4 земји и нивни делегации, делегации од ЕУ, министри и меѓународни финансиски институции и повеќе од 120 акредитирани новинари од осум земји од Југоисточна Европа.

– На третиот ден по завршување на САМИТ100, откако ги сумиравме впечатоците од овој значаен регионален настан, со сигурност можам да кажам дека како регион навистина имаме голем потенцијал – од производство на храна, кое само треба да се крене на едно повисоко ниво на обработка, стандардите, до енергетските потенцијали на регионот кои сѐ уште не се доволно искористени пред сѐ во обновливите извори на енергија, до туризмот и она што имаме да го понудиме на глобалниот пазар, но кое е сѐ уште на основно ниво. Навистина има многу што нѐ поврзува сите од овој регион, почнувајќи од историјата, јазикот и географската одредница, па сѐ до економијата и немам дилема дека единствен прав пат да дојдеме до максимални ефекти на овие потенцијали е токму регионалната соработка. Дополнително, од исклучителна важност е да го спречиме т.н. ‘одлив на мозоци’ и да ги искористиме предностите на дигитализацијата, со цел на некој начин да успееме да промениме се, изјави Јелена Радуловиќ, програмски директор на САМИТ100.

Свое обраќање на САМИТ100 имаше и еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц која порача дека од клучно значење за регионот е неговата интеграција во ЕУ и дека земјите од Западен Балкан треба да го искористат излегувањето на ЕУ од кризата.

На САМИТ100 исто така беше дискутирана и важноста на проектот „Free cargo“ кој претставува иницијатива за слободен товарен транспорт низ регионот и кој ќе овозможи проток на товарниот сообраќај без долги гранични контроли, застанување и царински формалности на државните граници, со примена на соодветните европски прописи за товарен превоз. Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, истакна дека времето што камионите го поминуваат на границите низ целиот регион се проценува на 26 милиони часови годишно, што е еквивалентно на еден отсто од регионалниот БДП.

Во рамки на САМИТ100 беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу регионалната платформа САМИТ100 и Коморскиот инвестициски форум на шест земји од Западен Балкан (WB6 CIF) – тело за регионална соработка на коморите од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, чија цел е да ги обедини силите од приватниот сектор во понатамошна регионална соработка, проширено со Словенија и Хрватска, која ќе резултира во подобрување на конкурентноста на целиот регион и ќе овозможи подобар животен стандард на сите луѓе од овој регион.

На САМИТ100 се најави и стартот на проектот „е-Скопје“ како продолжение на проектот „ЕДИСОН“ кој е регионален проект за електрификација на автопатиштата во регионот и има цел да обезбеди масовно прифатлива електрична мобилност во регионот преку регионално развиени решенија и да делува како иновативен центар на ЕУ.

Идеите и заклучоците на самиот крај на САМИТ100 беа презентирани на претседателите на Владите на Република Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина кои заеднички констатираа дека ако се обезбеди поволна бизнис клима преку надминување на царинските бариери, подобрување на работата на јавната администрација, реформи во образовниот систем, изградба на инфраструктура која ќе ги поврзува, земјите од Западен Балкан – економиите на регионот, со предвиден раст од 5 отсто, ќе станат поконкурентни и ќе се обезбеди побрз влез во ЕУ.

На САМИТ100 во Скопје, беа регистрирани вкупно 249 учесници од 12 земји. Од нив, 153 доаѓаа од бизнис секторот, а 96 беа претставници на меѓународниот и владиниот сектор. За првпат, на САМИТ100 во Скопје, имаше акредитирани близу 130 претставници на локалните и регионалните медиуми. Во организацијата на настанот, беа вклучени 5 фирми-изведувачи со над 40 ангажирани лица

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторска содржина (текстови и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top