сабота, 18 ноември 2017 | Вести денес: 79 ново

Велика Британија го одложува разгледувањето на законот за напуштање на ЕУ

Британскиот парламент следната недела нема да го разгледува клучниот закон за повлекување од ЕУ , изјави шефицата на парламентарната група на владејачката Конзервативна партија, Андреа Лидсом.

– Нема ништо чудно, ниту причина за страв, поради оваа мала пауза, им рече таа на пратениците.

Британските медиуми вчера објавија дека постои можност британската Влада да го одложува појавувањето на законот пред пратениците, поради политички раздор.

Инаку, евроскептиците во британскиот Парламент инсистираат премиерката Тереза ​Меј да се повлече од  преговорите за Брегзит, ако Европската унија не почне разговори за трговијата.

Групата, меѓу кои и поранешниот шеф на британското Министерство за финансии, Најџел Лавсон и поранешниот секретар за животна средина Овен Патерсон, ја обвини ЕУ за „намерно одложување на разговорите” за односите по Брегзит.

Групата во писмото објавено денеска најави дека ако нема напредок во разговорите, Меј треба да си одлучи Велика Британија да излезе од ЕУ без договор во март 2019 година и со Светската трговска организација да ги разгледа правилата за трговија со ЕУ.

Некои од граѓаните на ЕУ не беа воодушевени од ветувањето на Mеj дека се добредојдени во Велика Британија по  Брегзит.

Меј преку писмо порача дека Велика Британија и ЕУ се на чекор до договор за правата на граѓаните. Според неа, процесот на регистрација за постојано живеалиште ќе биде едноставен и евтин. 

Top