среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 86 ново

Груевски до Рама: Тиранската платформа нема да придонесе за развивање пријателство

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски оствари средба со премиерот на Република Албанија, Еди Рама. На средбата се разговараше за македонско албанските односи, за актуелната политичка состојба и за стратешките приоритети на Република Македонија, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски посочи дека е за отворена соработка со Република Албанија базирана на принципиелна основа. Во таа насока не помагаат различните документи како што е Тиранската Платформа која, како по формата во која беше промовирана, така и во својата суштина нема да допринесе за развивање на пријателство базирано на искрени основи меѓу двете држави, и може да има негативен ефект во однос на меѓусебниот соживот во Република Македонија, истакна Груевски, соопштуваат од партијата.

Во соопштението се наведува дека било истакнато дека е добредојдена поддршката на Република Албанија за интеграција во НАТО Алијансата и дека постојат заеднички предизвици за напредок на патот кон Европската Унија, во чие исполнување на соработката е очекувана.

Груевски истакна дека добрите односи меѓу двете држави кои треба да се развиваат ќе придонесат за релаксирање на атмосферата и градење на доверба која е потребна за економски и политички напредок на регионот.

Top