понеделник, 18 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Илиоски до битолчани: Ќе го исполнам сето она што ви го ветив!

Стигнавме до крајот на една многу посебна и специфична кампања. На моменти беше исцрпувачка, понекогаш нервозна, но ми се чини дека сите заедно успеавме да покажеме кои навистина сме – искрени луѓе со сериозни намери и силна решителност , Битола да ја направиме подобро место за живеење, за сите. Ова денес го истакна Зоран Илиоски, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Битола.
-На почетокот ви реков дека сум човек кој не сака да го ветува она што не може да го исполни. Ми советуваа – не вели не знам, не вели – не можам, но едноставно таков сум – не ми дава душата да дадам збор за било што во ветер, да излажам само за да добијам глас повеќе. Но затоа пак, сите ние овде сме на еден начин жиранти, дека се што ветив, буквално се’, до точка, до запирка, мора да биде исполнето. И тука нема да има не можам, нема да има не сакам, нема да има откажување, затоа што сме дале збор. Во кампањата влегов со големо професионално и политичко искуство, точно такво какво што се очекува и бара од еден управител, менаџер на едно градско домакинство какво што е Битола. Но морам да ви признаам дека во кампањата и многу научив, од студентите, од рибарите, од таксистите,од архитектите, пензионерите, кугларите, играорците, оџачарите, од пазарџиите и бизнисмените, од сите … Научив и дека секој еден Битолчанец многу го сака својот град, видов таква грижа и посветеност кај обичните луѓе, каква што до сега не сретнав ни во институциите, ни во компаниите, ни во Парламентот – обичниот Битолчанец, верувајте, е најдобриот учител за тоа како се сака Битола. Таму на улица, пред зградите, во вашите маала и тесни сокачиња, таму нема лага, нема потреба од политика и демагогија и многу се радувам што сите искрено, добронамерно и многу сериозно го прифативте предизвикот да бидете мои партнери во водењето на градот. Вие, мои драги Битолчани, вие сте тие што најдобро знаат што треба , како треба, кои се маките и потребите, вие знаете како дише и пулсира градот, дури и кога критикувате, истакна тој.

Илиоски најмногу се заблагодари за критиките. Вели дека критиките отрезнуваат, приземјуваат и поттикнуваат.

-Не можеме да велиме дека ќе почнеме нова ера во Битола, без заеднички вистински да согледаме кај сме, кои сме, зошто сме и што сакаме. Без розови очила и без залажување. Во Битола е направено многу, но во Битола допрва имаме многу работа. Тоа што се почнало да се доврши, да се почне ново, да се напредува. Од средбите со вас, почитувани Битолчани, сфатив дека иако во кампањата влегов со конкретна издржана и остварлива Програма со прецизни извори на финансирање и рокови, од вашите сугестии можев да напишам и нова, дополнителна Програма со уште толку проекти предложени од вас, исто толку аргументирани и издржани. Тоа значи дека не чека работа. Многу работа. Тоа значи и дека од вас очекувам да бидете вклучени во се’, заедно да работиме, оти Битола е ваша и така најдобро и најпрецизно ќе сработиме се’ што треба. Јас и натаму ќе останам Зоран , оној со кој секојдневно ќе се среќавате и поздравувате на улица, ќе ме гледате на велосипед, во автобус, во такси, на пазар, по Широк Сокак. Во оваа прилика нема да ви зборувам за проектите. Мислам дека веќе добро ги знаете и простете ако малку претеравме со нивното рекламирање и претставување . Сепак ова е кампња во која се натпреваруваме со идеите што ги нудиме, рече тој.

Ги повика граѓаните да бидат такви какви што се, асли Битолчани, космополити со европски демократски навики, строги судии и критичари на секоја неправда, ревносни бранители на своето – локалпатриотското, горди навивачи, учители кои од се’ се разбираат и се’ знаат и тоа не треба да се сфати на шега, туку сериозно да се искористи како поттикнувачка енергија за еден градоначалник.

-Почитувани Битолчани. Имате пенкало , ќе добиете ливче и ќе одите зад параван . Таму ќе заокружите една бројка и сето тоа ќе трае само еден миг. Но последиците од тој миг, ќе ги чувствувате цели четири години. Гласајте по срце и гласајте со ум. Одговорете си кратко на едноставното прашање – Во кого имам доверба за да му го доверам управувањето со најубавиот и најградскиот град на светот? Која личност има таков капацитет? Со кого ќе се чувствувам безбедно, спокојно и сигурно дека Битола ќе оди на вистинскиот пат, ќе се развива и разубавува, ќе ги врати младите, ќе ги задржи децата… Битола навистина заслужува да биде среќна. Ајде сите заедно да и’ го овозможиме тоа. Јас сум Зоран Илиоски . Се знаеме, ме знаете. Мојот број е 13, а вашата одлука треба да биде едноставна. Заокружете го и да работиме . Заедно. Веднаш. Затоа што Битола заслужува подобра иднина. Битола е на сите, порача кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Битола, Зоран Илиоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top