сабота, 16 декември 2017 | Вести денес: 30 ново

Ристески за Прилеп без мигранти

Секогаш работа е мотото кое не водеше и мене како градоначалник и Локалната власт предводена од ВМРО – ДПМНЕ во изминатите години. Прилеп се сака со дела. Дела кои се заеднички на сите нас граѓани на општина Прилеп, истакна кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Марјан Ристески.
Во нашите настапи, додаде тој, во текот на целата кампања ние зборувавме за работа, зборувавме за понатамошен развој на Прилеп. Зборувавме и ќе работиме за:

– Oтварање на нови индустриски зони, за отварање на нови фабрики во нив. За отварање на нови 5-7 000 работни места во Прилеп.

– За гасификација на целиот град. Гасоводот благодарение на Владата на ВМРО-ДПМНЕ е стигнат до Плетвар- Да продолжиме понатаму.

– Доделување на градежни парцели и ослободување од комуналии за младите брачни парови полесно да дојдат до сопствен дом.

– За 4 нови детски градинки и 500 нови места во нив.

– За комплетното уредување на коритото на градска река во преубав парк и доградба на кејски и речни ѕидови.

– За комплетна реконструкција на стара чаршија и доуредување на центарот да биде магнет за туристи.

– За набавка на нови автобуси и електрични комбиња со нови линии на градскиот превоз. Субвенциониран градски превоз и бесплатен превоз за пензионери.

– Да продолжиме со инвестициите во сите училишта и градинки.

– Да ја завршиме веќе започнатата реконструкцијата на Градски Стадион „Гоце Делчев“.

– За отпочнување со работа на првата фабрика за секундарна селекција на отпад во Македонија.

– За понатамошно инвестирање во патната инфраструктура, како во градот така и во населените места.

– За канализации, водоводи, парковски површини во населените места.

– За продолжување со инвестиции во ромската населба Тризла.

– За еднократен отпис на долгови за вода и ѓубретарина на социјално загрозените семејства во Прилеп.

– За Прилеп без мигранти.

– За Прилеп без двојазичност.

-За Прилеп горд на својата историја, рече Ристески.

Ние, додаде тој, 20 дена промовиравме нови проекти за секоја урбана заедница,за сите населени места,а нашите политички противници 20 дена не понудија програма, но излегуваа со проекти на ВМРО- ДПМНЕ понудени во програмата на парламентарните избори во 2016-та.

-Излегуваа со веќе реализирани проекти, како да не живеат во Прилеп и како да не ги гледаат. Излегуваа со лаги, нарачани текстови за дискредитација на луѓе од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата. Почитувани сограѓани, за мене и мојот тим кој стои денес со мене, политиката претставува постоење на меѓусебна доверба и соработка со секој жител на нашата општина. Не заборавајте дека секој од Вас е дел од овој тим, бидејќи без вашата поддршка денес Прилеп повторно ќе беше на маргините. Вашите предлози при изработката на буџетите овозможија сами да си ги подобрите инфраструктурните и другите комунални проекти. Сетете се само во каков град живеевме до 2005 та година, но сетете се и на оние што ви предлагаат повторно Прилеп да биде таков запоставен град. Секој од Вас е дел од овој тим бидејќи најголемиот дел од проектите кои ви ги понудивме во програмата за овие Локални избори се произлезени токму од вас почитувани сограѓани.

Ги повика прилепчани, во недела да го заокружат бројот 13.

-Заокружете го бројот 13 во недела, за да бидете повторно горди во реализирањето на нови проекти за Вас и вашите најблиски за градоначалник на Прилеп и број 13 за советничката листа. На крајот да апелирам до моите сограѓани, во недела да бидат дел од еден фер и демократски процес,да го искористат своето загарантирано право на глас и да се почувствуваат горди што ја дале довербата на тим што гради , а не уништува,на тим што почитува, а не навредува. На тим што го сака Прилеп и Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top