понеделник, 18 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Заев ја откажа посетата на Клиниката за гинекологија

Во време кога секој трет ден умира по едно новороденче и јавноста како приоритет ја одредува катастрофалната состојба на Клиниката за гинекологија, премиерот Зоран Заев реши да не ја посети. Иако за денеска беше најавено дека Заев во 10 часот ќе ја посети скопска гинекологија, посетата вчера доцна попладне беше откажана, објави Алфа. Од Владината прес-служба признаваат дека состојбата е сериозна, но велат дека точниот термин на посетата многу скоро ќе бил утврден.

– Посетата на претседателот на Владата, Зоран Заев на Клиниката за гинекологија се планира и ќе се организира во соодветен термин кој многу скоро се уште не е утврден и истиот не бил договорен. Заедно со Министерството за здравство и одговорните лица во Клиниката ќе ја оствариме посетата во наредниот период имајќи ја во предвид актуелноста, тежината и сериозноста на состојбите, информираат од Владата.

Дека Заев нема да ја посети гинекологија, медиумите беа известени преку секторот за односи со јавноста на Клиниката:

„Ве информираме дека најавениот настан со посета на премиерот на РМ најавен за утре (13.10.2017) во 10 часот е одложен и за нов термин дополнително ќе бидете информирани“.

Пред три дена Државниот санитарен и здравствен инспекторат излезе со поразителни резултати од вонредниот надзор на скопска гинекологија. Тие обелоденија дека на одделот за интензивна нега каде се третираат предвремено родените бебиња, се чувале по 2 новороденчиња во еден инкубатор.

Клиниката нема соодветна вентилација, проблеми имало и со системот за ладење и греење, протекува кровот поради што болничките соби и лабораториите биле полни со влага. Инспекторите утврдиле недостиг на соодветна опрема, а најголем проблем имало со кадарот, кои најчесто се позајмувал од другите Клиники.

Инаку, на скопска гинекологија, само до крајот на септември починале 127 бебиња. Од инспекторатот посочија дека удел во смртноста на новороденчињата може да имаат и лошите услови во кои работи клиниката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top