сабота, 16 декември 2017 | Вести денес: 30 ново

Лука Коасин, италијански кинематографер: Ротуно ме научи никогаш да не доцнам на снимање

Да се разбере суштината на работата со светлината често велам дека со само 7 ноти со векови се создаваат прекрасни оригинални музички композиции. Истиот случај се однесува и на работата со камерата и фаќањето на зраците светлина, независно дали станува збор за црно-бел или колор филмско остварување.

На годинешново издание на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ во чест на големиот италијански мајстор на кинематографијата, Џузепе Ротуно, добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело, наградата ја прими неговиот некогашен студент и актуелен член на жирито за главните награди на фестивалот, кинематограферот Лука Коасин.

Лука Коасин е роден во 1967 година во Будија, прекрасно селце со 900 жители во подножјето на планините во североисточна Италија. Опкружен само со природата и сликите на неговиот татко тој и самиот од дете станува сликар, фотограф, пред воопшто да знае да го напише сопственото име.

Така природно неговата страст прераснала во негова професија. Како студент имал можност да учи од големи имиња, меѓу нив најпрво Џузепе Ротуно, кој го учел за уметноста на филмската камера две години во Чентро спериментале ди синематографија во Рим.

Како професионален кинематографер снимил над стотина кратки и долгометражни филмови. Минатата година Лука ја доби Малата златна камера 300 на Фестивалот „Браќа Манаки“ во конкуренција на краток филм за францускиот филм „Паркот“, а годинава во Битола проговори за тајните на занаетот, необичните случки, искуствата…

-Со овие снимки и фотографии ви ги откривам тајните на карактерот и на занаетот на еден од најзначајните италијански мајстори на кинематографијата, Џузепе Ротуно. Ова многу говори за неговата работа со легендарните Лукино Висконти и Федерико Фелини, а ќе ви откријам и детали од работата со режисерите Роберто Роселини, Виторио де Сика, Боб Фос, актерите Марчело Мастројани, Клаудија Кардинале, Ален Делон и многу други, рече Коасин.

Со оглед на тоа дека е догогодишен студент и пријател на Ротуно, Коасин за него вели дека сеуште е како дете.

-Ротуно и на 90 години изгледа како дете, но на сетот секогаш бил авторитетен и екипата кон него се однесувала со извесна доза на стравопочит. Од студентските денови се сеќавам дека Ротуно не учеше дека камерата е сервис на приказната и на сценариото, а целото свое знаење и искуство секогаш ги ставаше во функција на подетално доловување на филмската приказна и осликување на карактерите на актерите.  Сакам да потенцирам дека Ротуно е мајстор на крупните кадри (close up), но и дека во неговите кадри има планови што носат повеќе дејства во исто време.

За соработката на филм со Ротуно, Лука вели:

-Во текот на својата работа Ротуно не беше имун на експерименти и често работеше и во невообичаени формати на филмска лента, покрај 35 мм, како 65 мм, 70 мм и други, но експериментираше и со визуелните ефекти што тогашната технологија можела да ги постигне. Се сеќавам кога бевме студенти само снимавме, снимавме… Имав 20  години и имаше неверојатна атмосфера. Интересен е и податокот што Ротуно е еден од кинематограферите што прв употребил дигитална камера за снимање филм.

Работел и со Висконти и Фелини…

-Од соработката со режисерите Висконти и Фелини познато е тоа што Висконти е перфекционист и секогаш до детал ги разработува карактерите и деталите во снимањето на неговите филмови. Кај него се мора да биде реално, вистинско. Дури и розите во градината кога се снима нешто не дозволува да бидат вештачки, туку мора да се вистински. Со него се мора да биде перфектно. Додека со Фелини, иако станува збор за често надреални ситуации, едноставно се разбираме со поглед. Токму затоа еден од најважните совети за студентите е да ги тренираат очите за да можат полесно и побрзо да ги решаваат проблематичните ситуации со светлото и шминката за време на снимањето и да имаат чувство како да ги снимат крупните кадри на актерите. На пример, во еден филм маглата е направена со превези и актерот кој вие како гледач го гледате дека се движи низ маглата, а всушност тоа не е вистинска магла, туку ликот се движи низ строго одредена патека меѓу превезите… А ефектот од тој трик е одличен.  Или примерот со цел филм кој е снимен во огромно студио. И претставува ремек дело. Овде Ротуно палтото на главниот актер инсистира да биде сино. Да не биде црно, ниту кафено…и повторно ефектот е магичен.

За кинематограферот од суштинско значење е светлината. Како да се разбере суштината на оваа работа?

-Да се разбере суштината на работата со светлината често велам дека со само 7 ноти со векови се создаваат прекрасни оригинални музички композиции. Истиот случај се однесува и на работата со камерата и фаќањето на зраците светлина, независно дали станува збор за црно-бел или колор филмско остварување. Ротуно постојано инсистираше додека бевме студенти да работиме на црно-бело остварување. Тој како на студенти ни кажа една многу едноставна работа. Имаше една реченица која постојано ни ја повторуваше и сега се сеќавам на неа: Филмот е како убава русокоса жена. Убава русокоса жена? Но што е убава русокоса жена? Не таа што е само за тебе убава, туку таа што е убава за сите. Тоа беше мошне едноставна мисла. Не станува збор за икона на убавината, туку за убавина на приказната, кастингот, костумите…

Какво е чувството да се работи со големиот Ротуно кој сосема ја измени историјата филмот?  

-Секогаш можете да препознаете филм на Ротуно.  Неговиот допир, неговата магија…Тој секогаш го става своето знаење во служба на големото платно. Во оваа смисла ќе ви раскажам една неверојатна приказна која за мене беше мошне поучна. Имено, сите кои работат со него на сет се однесуваат со стравопочит. Тој никогаш не го повишува тонот, не вика, но луѓето едноставо се плашат. Моето искуство со него е следно: Додека студирав имав долга врска со една девојка и таа ме напушти и останав буден цела ноќ, плачев, доцна си отидов во станот кој го делев со двајца пријатели со кои до доцна во ноќта разговарав за случката и поради сето тоа следниот ден задоцнив 10 минути на сет. 10 минути! Кога влегов сите накострешени ми се обраќаа: Лука! Лука!… а јас не знаев што се случува се додека не ми се обрати Ротуно со неговиот препознатлив глас: Лука, ќе те отпуштам! Јас го молев, ве молам немојте, доцнев само 10 минути. На тоа Ротуно ми одговори: Ок, тогаш имаме еден месец снимање и сите овие луѓе во текот на еден месец ќе доаѓаат еден час порано, и ќе седат нема да прават ништо. И тогаш видов дека целата екипа гледа во мене со мрачен поглед. Е тоа беше Ротуно. И после таа случка никогаш повеќе во животот не задоцнив на сет.

 

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top