понеделник, 23 октомври 2017 | Вести денес: 49 ново

Манев: Зелениково ќе биде пристојно место за живот

Граѓаните на Општина Зелениково заслужуваат да живеат во општина која претставува пристојно место за живот, која подеднакво ќе ја посакуваат староседелците и дојдените, инвеститорите и градителите, старите и децата.
Јас и мојот тим неуморно ќе се грижиме средината за живеење да биде чиста и незагадена која е еден од предусловите кои ги бара секое семејство а посебно најмладите. Со урбанизацијата на просторот, младите искористувајќи ги политиките за станбено финансирање ќе имаат можност да основаат дом во чиста и незагадена средина за живеење.

Ова денеска го изјави кандидатот за градоначалник на општина Зелениково од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Манев, додавајќи дека во неговата програма предвидени се проекти за подобар живот, за изградба на потребната инфраструктура, за развој на спортскиот дух кај младите и за здрава животна средина.

-Изработката на проектно техничка документација за реконструкција на водоснабдителен систем претставува основа или предуслов за реализација на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на мерни инструменти и нивна интеграција во мобилнаta и фиксна мрежа за далечинско отчитување комплет со инсталација и конфигурација на опрема за отчитување во Општина Зелениково. Изготвување на проектна документација и доизградба на канализациска мрежа во с. Орешани и Јане Сандански. Основа на развојот на секоја општина се соодветните урбанистички планови усогласени со потребите на граѓаните и деловните субјекти. Со цел да излеземе во пресрет на овие потреби ќе се работи на измена и дополна на урбанистичкиот план за Зелениково како најголемо населено место во општината, најави Манев.

Истакна дека со изградбата на урбанистичките планови за Орешани, Таор, Пакошево, Ново Село, Страхојадица, Смесница, Вражале и Градовци, со кои се насочува и регулира организацијата на просторот во населените места, се очекува да се исполнат повеќе начела како рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните, надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет, одржлив урбан разбој, заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита на недвижното културно наследство.

-Регулација на дел од коритото на Симоничка Река. Реконструкција на локален пат Станица Зелениково – Страхојадица- Смесница. Со реконструкција на системот за греење во ОУ „Марко Цепенков“ покрај тоа што ќе се замени старата и дотраена инсталација истовремено ќе се замени и енергенсот за затоплување од постоечкиот (нафта) да премине на пелети. Заради задоволување на потребите на родителите за згрижување на децата од предшколска возраст, ќе го зголемиме капацитетот на градинката и ќе згрижиме поголем број на дечиња. Преку воспоставување на Јавно приватно партнерство ќе извршиме замена на постоечките со штедливи и енергетски ефикасни светилки. Со воспоставување на Јавно приватно партнерство за изградба на голф терени, општината на долг рок ќе обезбеди прилив по основ на концесиски надомест и истовремено ќе биде првата општина во државата во која домашните и странски голфери ќе имаат можност да играат голф, посочи Манев.

Рече дека се обврзуваат на одговорно и транспарентно работење за реализација на програмата која, како што вели, е реална и базирана на потребите на граѓаните на општината. Манев вети дека Зелениково ќе го доживее својот развој во модерно и чисто и незагадено место за живеење.

Top