вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Коксаки вирус кај две деца од градинката Срничка во скопската населба Аеродром

Две деца кои ја посетувале градинката Срничка во објектот Штркче во скопската населба Аеродром заболеле од опасниот Коксаки вирус, дознава НОВА.

Децата од кои помалото посетувало јасли, викендов добиле симптоми карактеристични за овој вирус, а тоа се висока температура, се исипале по рацете, стапалата, нозете и околу устата. Лекарот според клиничката слика утврдил дека се работи за Коксаки вирус, но очигледно случајот не го пријавил во Центарот за јавно здравје.

Информацијата за НОВА ја потврди и мајката на двете деца, која од контактот со други родители тврди дека заболеле уште две деца кои ја посетуваат истата градинка. Кога НОВА ја контактираше градинката од таму потврдија дека не се известени, а во Центарот за јавно здравје исто така потврдија дека не биле  информирани за случајот. Според изјавата на мајката, прво заболело помалото дете кое посетувало јасли, од кое пак се заразило поголемото.

„Моите две деца беа здрави. Однесовме потврда од лекар кога почнаа да одат во градинка. Се разболеа пред четири дена, а викендов имаа висока температура од 42 степени, се исипаа на делови од телото кои се карактеристични за Коксаки вирусот. Имаат ранички во устата и непцето. Се грижевме за нив и не стигнавме да пријавиме во градинката, но ги известивме родителите преку социјалните мрежи. Прво се заболе помалото кое оди во јасли, а потоа поголемото“, објасни за НОВА, мајката која сакаше да остане анонимна.

Половина час откако НОВА побара информација, од градинката не известија дека се оградуваат од целиот случај и тврдат дека изворот на заразата не е во градинката.

Од таму потврдија дека по јавувањето на НОВА, пристигнала и епидемиолошка екипа од Центарот за јавно здравје. Епидемилозите констатирале дека нема потреба од дезинфекција бидејќи тоа било направено пред три дена.

„Нема други заболени деца. Утврдивме дека овие две деца кои се болни само пет пати ја посетиле градинката од почетокот на септември до сега. Според тоа, одговорно тврдам дека изворот на заразата не е од тука, туку некаде од надвор. Ние во понеделникот вршевме редовна дезинфекција на просториите и на играчките така што нема потреба да се врши вонредна дезинфекција“, изјави за НОВА, Јоаким Димулков директор на градинката Срничка.

Родителите на двете деца се наоѓаат во изолација бидејќи инкубацијата на вирусот трае и до месец дена, а болеста е многу заразна.

Инаку, според литературата, Коксаки вирусот може да биде со послаби симптоми, но и со смртни последици. Се пренесува од човек на човек не преку допир, туку преку кашлање и кивање. Не постои вакцина ниту антивирусен лек.  Болните се лекуваат со препарати за намалување на температурата, лекови против  болки, течности и многу витамини.

 

извор: novatv.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top