четврток, 19 октомври 2017 | Вести денес: 45 ново

Рецесија: Бркање од работа, затворање на фирмите и намалување на плати

Владата на СДСМ за само неколку месеци ја клекна економијата на колена. Македонија влезе во рецесија, односно минусно економско салдо и загуби во економијата. Премиерот Заев и неговите министри продолжуваат со штетните политики кои паѓаат на терет на македонските граѓани.

Трет месец последователно се бележи пад на индустриското производство, извозот, пониската просечна плата и другите негативни индикатори со што е намалена конкурентноста на македонската економија. Откако Македонија влезе во рецесија, сега пристигнуваат и последиците. Рецесијата значи бркање од работа, затворање на фирмите и намалување на плати.

Граѓаните на Република Македонија допрва ќе почувствуваат во што СДСМ и Заев ја втурнаа нашата земја.

Една од главните причини за економскиот крах на економијата е преполовување на расходите за капитални инвестиции кое новата влада го направи. Само за споредба, во првите 5 месеци во период кога функционираше техничка влада, во далеку полоша и посложена ситуација за капитални инвестиции на месечно ниво од буџетот се инвестираа околу 25 милиони евра. Во јуни, јули и август, трошење на парите од буџетот на капитални инвестиции изнесува скромни 14 милиони евра.

Низа странски компании ќе стават клуч на вратата поради игнорантскиот однос и заканите од страна на Владата. Неколку илјади граѓани ќе останат на улица. Без работа ќе останат и низа градежни работници од цела Македонија затоа што има и пад во градежништвото за огромни 25% за месец јуни. Но и падот во другите индустриски гранки, негативно ќе се одрази врз намалување на невработеноста, што ќе значи дека во Република Македонија наместо нови вработувања, ќе има отпуштање на работници. Оние, пак, кои ќе останат на работа, ќе се соочат со ризикот драстично да се намали нивната плата.

Со рецесијата во која Заев и Владата ја втурнаа државата загрозен е и денарот: Трошоците растат, платата паѓа

Животните трошоци растат, просечната плата паѓа, економијата е во рецесија. Македонија со најлоши статистички показатели на Балканот. Со рецесијата во која Заев и Владата ја втурнаа државата загрозен е и денарот.

Од друга страна статистичарите измерија пад на просечната плата. Иако има благ раст на годишно ниво, таа во јули во однос на јуни била помала за 0.6%.

Сето ова е резултат на запирањето на вкупните економски активности во Македонија. Во првиот квартал имаше стагнација односно раст од 0%, а во вториот пад од 1.8%.

Додека сите соседи бележат економски раст, Македонија е практично во рецесија. Според економската теорија, една држава се смета дека влегла во рецесија, кога нејзината економија два квартала последователно бележи негативна стапка на раст.

Со ова земјава е на последно место во регионот според сите показатели. Според tradingeconomics.com, реномираната интернет страница чии податоци се базираат на официјални извори од статистичките заводи на 196 земји, и која вклучува повеќе од 20 милиони економски индикатори, Македонија е единствената земја во регионот, и воопшто во Европа, која бележи пад на БДП во второто тримесечје од годинава.

„Лошата економска политика на новата влада, ја турна Македонија во рецесија“

Рецесијата е веќе реалност во Македонија. Поради неспособното менаџирање на црното економско трио, Заев, Тевдовски, Анѓушев, Македонија стана единствена земја во регионот која има негативен економски раст, обвинува Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

-Република Македонија во првото тримесечје од годинава, во однос на првото тримесечје од минатата година, бележи нула пораст на бруто-домашниот производ. Во второто тримесечје од оваа година веќе бележи пад на бруто-домашниот производ за 1.8 отсто, додека пак во третиот квартал, се очекува оваа тенденција на опаѓање да продолжи со зголемен интензитет. Како што може да се забележи на графиконот, Македонија во споредба со соседството, се наоѓа на поразителното последно место мерено според стапката на пораст на бруто домашниот производ. Дури Грција како втора најлошо рангирана, во вториот квартал од годинава бележи пораст на БДП за 2,6 отсто поголем од македонскиот, додека пак Косово, во истиот период бележи пораст на БДП за 6,4 отсто поголем од оној на Македонија. Колку за споредба, стапката на реален пораст на БДП во Македонија на годишно ниво, изнесуваше, 2,9 отсто за 2013 година, 3,6 отсто за 2014 година, 3,9 отсто за 2015 година, и 2,9 отсто за 2016 година. По подолг период, Македонија ќе ја заокружи оваа година со негативен знак на БДП, потенцира Делев.

Тој анализира дека политичката криза и лошата економска политика на новата влада, ја турнаа Македонија во рецесија.

-Голем придонес за падот на економијата има одлуката на владата на СДС да ги преполоват капиталните инвестиции. Намалените капитални инвестиции го успоруваат градежништвото, а индиректно ги успоруваат и 25 поврзани гранки. Колку за споредба, во првите 5 месеци во периодот кога функционираше техничка влада, во далеку полоша и посложена ситуација за капитални инвестиции на месечно ниво, од буџетот се инвестираа околу 25 милиони евра. Со доаѓањето на СДС, во јуни, јули и август, трошење на парите од буџетот на капитални инвестиции изнесува скромни 14 милиони евра. Катастрофалната економска политика доведе и до пад на индустриското производство, пад на прометот во индустријата, пад на просечната нето плата, а странските инвестиции во слободните зони го спасуваат македонскиот извоз од колапс. Дополнително, СДС до сега ја задолжи државата за пола милијарда евра за кои граѓаните не знаат на што се потрошени или пак ќе бидат потрошени. Неславниот рекордер Заев, ја турна државата во рецесија. Затоа, време е да се стави крај на ваквото расипништво. Граѓаните имаат можност да и речат не на оваа налудничава политика на СДС на претстојните локални избори на 15-ти октомври, истакна Делев.

Што е рецесија?

Рецесија претставува повремено забавување на економската активност на една земја проследено со влошување на општата економска состојба, како што се: пад на доходот, пораст на невработеноста, ниска стапка на искористеност на производните капацитети и слично.

Постои дефиниција во економската теорија што вели дека една земја е во рецесија доколку економијата стагнира или бележи негативни стапки два последователни квартали.

Кај рецесијата се анализираат три основни карактеристики: колку долго трае, колку е длабоко навлезе во економската активност на земјата и колку широко се распространува. Вообичаено е секоја економија да биде зафатена од рецесија во одреден временски период, но финансиските власти треба да имаат предвид повеќе мерки со коишто ќе го контролираат и неутрализираат негативното влијание.

Доколку рецесијата временски се продолжи и продлабочи, во тој случај економијата е зафатена од таканаречена депресија.

Рецесијата го јаде стандардот на граѓаните и ќе удри врз компаниите

Вообичаено, прва жртва за време на рецесија се продажбите. Откако ќе опаднат продажбите, обично набрзо потоа опаѓа и профитот.

Рецесија која е придружена со висока стапка на инфлација ќе значи дека месечните трошоци може да пораснат. Ова може да ги „изеде“ заштедите на компаниите и граѓаните и како што ќе одминуваат деновите, да создаде финансиски проблеми.

Одржување големи залихи и во нормални услови е тешко, но за време на рецесија може да влијаат како товар кој ќе ги влече надолу компаниите.

Стопанствениците се согласни дека рецесијата негативно ќе се одрази врз економската активност во Македонија, а најмногу последици ќе трпи стопанството.

Со понатамошно намалување на индустриското производство се очекува отпуштање од работа на поголем број работници.

Top