сабота, 21 октомври 2017 | Вести денес: 1 ново

Утре врачување на наградата „Державин“ во Битола

Утре (петок) во 19 часот на Славјанскиот универзитет во Битола на поетот Василе Димески ќе му биде врачена наградата „Державин“ што се доделува за најдобра стихозбирка објавена во периодот од јули 2016 до јули оваа година. Високото признание Димески го доби за поетската книга „Ноќва душава си ја изедов“, објавена во издание на „Матица“ од Скопје.

Наградата „Державин“ на поетот Василе Димески ќе му ја врачи амбасадорот на Руската федерација во Република Македонија Олег Шчербак, а обраќање ќе има претседателот на Друштвото на писателите на Македонија Веле Смилевски. Од името на Славјанскиот универзитет „Гаврило Романович Державин“ ќе зборува Драган Миладиновски. Во музичкиот дел од програмата ќе учествуваат Марина Коруновска, мецосопран, и Александра Јанковска,  пијано придружба.

Одлуката за наградата, што ја доделуваат Друштвото на писателите на Македонија и  Славјанскиот универзитет „Гаврило Романович Державин“ од  Свети Николе, едогласно ја донесе жири комисијата во состав: Иван Чаповски (претседател), Стојан Тарапуза и Паскал Гилевски.

Жирито оценува дека новата поетска книга на Василе Димески  се одликува со кохерентност и постапност во развивањето на епската слика, со што во својата интегралност таа се прима како поема со тревожни акценти на соочувањето со драмата на постоењето и подвигот да се остане над таквата ситуација.

– Стихозбирката „Ноќва душава си ја изедов“ од Василе Димески освојува со својата енергија и импулсивност, со свежината на кажувањето и со својата оригиналност како поетски проект. Станува збор за книга мудра, длабока и едноставна, се вели во одлуката за доделување на наградата „Державин“.

Вaсиле Димески годинава одбележа 70-годишен животен јубилеј и 50 години творечка дејност. Автор е на 14 поетски книги кои имаат свое место во поновите текови на современата македонска поезија. Живее и создава во Прилеп.

Top