сабота, 20 јануари 2018 | Вести денес: 54 ново

Ин мемориам – Гурко, патувај мирно кон вечноста

Почина Горан Хаџи Димов Гурко, виновникот за многу музички спотови, омоти, плакати… Фотосесии, снимање на спотови, графички дизајн беше само дел од она што Гурко го работеше не само на домашната туку и на бугарската музичка сцена. Новинарот Антонио Димитриевски, кој важеше за близок соработник на Гурко напиша неколку емотивни реченици за она што уметникот со завршен шумарски факултет- ентериерно уредување, го направи во својата кариера.

Замина онака, ненадејно, ненајавено, молчешки, без збогум… Исто како и како кога за прв пат се појави… во мојот живот, во јавниот живот… во животот на многу непознати, кои подоцна станаа многу познати или нестанаа засекогаш… Сеедно… Ти остана верен на себе си, на професијата, на своето убедување, на својата животна филозофија  дека квалитетот не зависи само од парите. Него го имаш, го поседуваш, го носиш во себе како уметнички порив или не… без оглед колку си платен за својата работа. Ако те бива – парите сами ќе дојдат!

„Директоре…“  – како што знаеше да ме викаш… „Ќе работиме ли нешто?“ И работевме. Со Професор Гурко – како што му беше уметничкиот прекар. Цели 13 години… до последен здив. И заедно, а работеше и сам: Музички видеоспотови, фотосесии, забавно-музички емисии, реклами, играно-документарни серијали, дизајн за постери, плакати, обвивки на албуми… на Ноне, Јован Јованов, Елвир Мекиќ, „Браво бенд“, „Табу ( Викторија Лоба)“, Елена Велеска, Татјана Лазаревска, Сале-Рокер, Јуле од „Ариа бенд“… па се до дел од бугарските музички ѕвезди од ТВ Планета.

Од еден куп анонимни девојки до денес познати ТВ новинари, водители и водителки  како Александар Блажевски или Јелена Спенџарска, на пример… Во мозаикот на нивната кариера токму ти „Професоре“ остави дел, остави неколку коцкички од својот мозаик. Кај кого повеќе, кај кого помалку, но сепак доволно.  Арт дизајнот и уметничката визура на фестивалите и манифестациите како „Охрид Фест – Охридски трубадури“ и особено „Македонскиот Радиски Фестивал – МАРС“ ти ги должат токму тебе, на твоето уметничко чувство, естетски сенс и вешти раце!

Бараша естетика во се’… И знаеше да ја најдеш. Во женското тело, лик, природата, пејсажот, структурата на животот… кој толку многу опуштено го живееше, небаре е вечност.  За жал од овде до вечноста има многу малку. Само еден чекор. Затоа и верувам дека токму таму, во вечноста ќе можеш да бидеш поспокоен, помирно да твориш, да му ја подариш својата визура, својата естетика, својот уметнички фото и видеоизраз и на тој свет. За нас толку имагинарен и непоимлив… се до судниот час.

Затоа професоре знам, дека луѓето како тебе само физички заминуваат… од оваа страна на животот. Овде останува само она што зад себе го оставаат, да не потсетува на нив, да ни ги буди спомените, сеќавањата, да ни ги бранува чувствата, да ни ги допре емоциите… се до судниот ден. За да не се заборавиме, за кога еден ден ќе го минеме прагот од другата страна на вечноста да не чувствуваме како странци! Затоа, ти благодарам за се што направи, за сите заеднички мигови на работа, соработка, за сите твои идеи и реализации, за целата наша професионална и приватна дружба…

А сега, збогум професоре… Збогум стар пријателе и… патувај мирно кон вечноста. Зашто таа те заслужува!

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top