понеделник, 23 октомври 2017 | Вести денес: 58 ново

Бесперспективност поради рецесијата: Младите масовно се иселуваат од Македонија

За само три месеци над 30.000 млади луѓе од Македонија ги спакувале куферите и купиле карта во еден правец. „Животот“ на СДСМ удри и по македонската младина.

Од јуни до септември, од Македонија се отселиле 31.170 млади, што е повеќе од населението во една мала општина, велат податоците на Државниот завод за статистика. Оваа бројка се однесува на млади од 18 до 37 години.

Најголемиот број иселени млади лица се од Струмица и Куманово, но има и од Скопје.

Како најголема причина за масовното иселување на младите од Македонија во последните 3 месеци, според познавачите на состојбите е бесперспективноста, која ја дава рецесијата.

Според Цветин Чилиманов, ова е страшно што се случува кај нас за толку краток период. Тој за Алфа ТВ вели дека се почнало со укинувањето на дисперзираните студии, кои на студентите им значеле многу, особено на оние од помалите места кои немале пари да студираат во Скопје.

-Само, во последниве 4 месеци, односно откако СДСМ ја презеде власта, се забележува пад на економијата, па затоа се гледа причината за масовното иселување, додава Чилиманов.

Инаку, трет месец последователно се бележи пад и на индустријата, извозот, пониската просечна плата, со што е намалена конкурентноста на стопанството.

Познавачите на состојбите сметаат дека, владата на СДСМ воопшто не е заинтересирана за носење странски инвеститори. До сега, велат, не успеа да донесе ниту една странска инвестиција каде младите би можеле да се вработат, па тие се принудени работа да бараат надвор од границите на Македонија.

И додека сите соседи бележат економски раст, Македонија е практично во рецесија. Според економската теорија, една држава се смета дека влегла во рецесија, кога нејзината економија два квартала последователно бележи негативна стапка на раст.

Top