сабота, 21 октомври 2017 | Вести денес: 1 ново

Меси ја однесе Аргентина на Светско

Во вечер каква што може да понуди само Јужно-американскиот фудбал, Аргентина се избори со сите можни проблеми и се пласираше на Мундијалот во Русија следното лето. Колумбија оди на Светско, Перу во баражот, Чиле отпадна.

Пред почетокот на решавачкиот дуел за Аргентина (целата земја на нозе, вработените пуштани порано од работа, U2 откажал концерт во Буенос Аирес), се плетеа разни приказни дека Еквадор ќе игра со втор тим, дека ФИФА не смее да дозволи Мундијал без најголемиот на светот итн. Притоа Меси и другарите се соочија со непријатен податок:

Аргентина во главниот град на Еквадор, Кито победила само еднаш во последните 56 години, во 2001-ва!

За малерот на Аргентина да биде поголем, гледачите уште не влезени на стадион, а Андрес Ибара во 37’ секунда ги доведе домаќините во водство по еден страшен напад. Тоа беше студен туш за „Гаучосите“ кои на цела мака го примија и најбрзиот гол во својата историја.

Еквадор беше отпишан во борбата за пласман на Мундијалот уште пред неколку кола но тоа не ги спречи да играат до крај а за нив навиваа и Колумбија и Перу.

На теренот, брзите напади предизвикани од ултра-офанзивната тактика на Сампаоли, често ја водеа Аргентина во грешки, но во 12’ минута неочекувано, на асистенција на Ди Марија а на радост на милиони Аргентинци крај ТВ екраните и околу 1.000 на стадионот, Меси израмни на 1-1.

Само осум минути подоцна, избраниците на Хорхе Сампаоли кој и вечерва реши да почне без Дибала и Икарди (Бенедето играше од старт), поведоа на 1-2! По грешка на домашната одбрана, Ди Марија украде една топка и го проигра Лионел кој распали страшен шут за водство и делириум меѓу аргентинските навивачи

Тоа беше и рекорден 20. гол на Меси во сите квалификациски циклуси за Аргентина досега со што стана прв на вечната листа на стрелци. До полувремето се  играше брз фудбал на двете страни но без посериозни прилики за промена на резултатот. Благодарение на Меси, гостите имаа 1-2.

Второто полувреме започна со нешто побавен ритам од првото, но тоа не важеше за чудесниот Лионел Меси кој во 62’ минута сам собра една топка, тргна во препознатлив продор и со маестрален шут го лобуваше еквадорскиот голман Максимо Бангера.

На крајот на квалификациите, од Јужна Америка на Светско 2018 ќе патуваат: Бразил, Уругвај, Колумбија и Аргентина а Перу ќе игра во баражот за пласман.

Top