среда, 13 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

ЕК ја чека одлуката на Пуџдемон за да се изјасни за Каталонија

Европската комисија дополнително ќе се изјасни околу прашањето за Каталонија, откако лидерот на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон денеска ќе соопшти дали ќе прогласи независност на регионот или ќе се откаже од таа идеја.

– Прво да видиме што ќе се случи, потоа ќе се изјасниме, изјави еден од портпаролите на Комисијата.

Тој го повтори ставот на ЕК дека случувањата околу Каталонија се внатрешно прашање на Шпанија, кое треба да биде решено според шпанскиот устав. Комисијата го смета референдумот за неуспешен и противуставен.

Еврокомисијата денеска повторно ги повика властите во Барселона и Мадрид да започнат дијалог. – За насилството нема место во политиката, изјави портпаролот.

Во меѓу време, каталонскиот министер за надворешни работи Раул Ромева изјави дека Барселона е подготвена да ги сослуша алтернативните решенија на Мадрид во врска со референдумот за независност и е подготвена за преговори.

– Подготвени сме да седнеме на преговарачја маса. Ако шпанските власти дадат предлози, ние сме подготвени да ги сослушаме. Ако имаат нешто да предложат за да се реши проблемот со други методи, подготвени сме да го слушнеме таквиот предлог, изјави Ромева за Си-Ен-Ен.

Ромева истакна дека сите предлози на каталонските власти биле одбиени од шпанската Влада.

– Проблемот е што со години не сме добиле никаков предлог. Сакаме да седнеме на преговарачка маса, истакна Ромева.

Според него, за Каталонија, Шпанија и Европската унија нема друго решение освен прегооври.

Раководството на каталонскиот парламент од своја страна соопшти дека ги добило резултатите од референдумот за независност, одржан на 1 октомври, но дека засега нема да ги пушти во редовна собраниска процедура.

Претставник на Парламентот соопшти дека засега нема бидат носени никакви одлуки, освен само што ќе бидат потврдени резултатите од референдумот што во петокот ги соопшти регионалната Влада.

Шпанскиот министер за економија Луис де Гинос денеска изјави дека Мадрид има целосна поддршка од Европската унија во врска со мерките што ќе ги преземе како одговор на кризата предизвикана од референдумот за независност во Каталонија.

Де Гинос ги осуди повиците за независност на Каталонија како „бунт против владејачките закони“.

– Она што можам да кажам е дека сите го поддржаа ставот на шпанската Влада, рече Де Гинос по разговорите со министри од Европската народна партија.

Според него, ова не е прашање за независност. – Ова е бунт против владеењето на правото, која е основа не само за коегзистенцијата во Шпанија, туку и за коегзистенција во Европа, изјави Де Гинос.

– Се зависи од господинот Пуџдемон, рече Де Гинос, притоа изразувајќи желба за враќање на „здравиот разум, не само за цела Каталонија, туку и за цела Шпанија и Европа“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top