недела, 17 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Лабина Митевска: Не смее некој од позиција на советник на министер да пишува во колумна дека тој филм не смее да го гледа никој

Продуцентката и актерка Лабина Митевска испратила две писма до премиерот Зоран Заев и уште едно трето јавно писмо со цел да го информира дека се соочува со цензура. Митевска вели дека го информира премиерот, но и јавноста да се запознае подобро со ситуацијата околку филмот „Кога денот немаше име“, каде што таа се потпишува како продуцент, а е режиран од страна на нејзината сестра Теона Стругар Митевска.

Во интервју за Телевизија Нова, Митевска вели дека таа е отворена за критики од стручната јавност за делата кои ги работи, но во овој случај реагира бидејќи е јавно нападната од Златко Теодосиевски кој е на позиција советник на министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Таа информираше дека директорот на ИФФК „Браќа Манаки“ прво го побарал филмот да се прикажува оваа година, а потоа сакал да го повлече, а како причина во писмото упатено до Митевска ги навел „политичките влијанија и инстанци“.

Митевска тврди дека додека таа беше на челната позиција на фестивалот, цели шест години, никој не се обидел да и врши влијание со кој филм ќе се отвори фестивалот и дали некој од филмовите воопшто да биде во конкуренција.

Според неа, јавното обраќање кон премиерот е со цел да се прекине цензурирањето на уметниците.

– Доколку јас сум првата на листата за цензура, тогаш ќе бидам и последна. Не смее уметниците да се цензурираат или некој од позиција на советник на министер да пишува во колумна дека тој филм не смее да го гледа никој – вели Митевска во дел од интервјуто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top