среда, 18 октомври 2017 | Вести денес: 109 ново

Ракометна ЛШ: Вардар одигра нерешено кај ПИК Сегед, Дибиров ја утна контрата за победа

Европскиот шампион Вардар во натпреварот од 4. коло од А групата од Лигата на шампионите попладнево одигра нерешено 26-26 на гостувањето кај ПИК Сегед. Ова е прв нерешен резултат за „црвено-црните“ по трите стартни победи.

Во најголемиот тек од натпреварот домаќинот имаше минимална предност, која европскиот првак успеваше во неколку наврати и да ја стигне. Во последната минута ракометарите на Вардар испуштија победа откако на 20 секунди до крајот во одбраната пресекоа топка, а Тимур Дибиров не успеа да ја реализира контрата. Последниот шут на ПИК Сегед заврши над голот.

Најефикасни кај Вардар беа Вуко Борозан со 8 голови и Лука Циндриќ со 7. Одличен на голот беше Арпад Штербик со 14 одбрани, а кај ПИК Сегед голманот Хозе Сиера имаше 11 одбрани.

На вториот натпревар од групата А бундеслигашот Рајн Некар Ловен го победи Криситијанштад 35:22, а македонскиот репрезентативец Филип Талески беше стрелец на 4 голови за РНЛ.

Вечерва од 20 часот играат Барселона против Нант, додека утре се игра дуелот ППД Загреб и Висла.

Top