вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 1 ново

По два месеци пронајдена главата и нозете на шведската новинарка Ким Вал

Торбите биле пронајдени на само еден километар од местото каде било пронајдено и торзото на Вал на 21. август. На нејзиното тело биле пронајдени убоди од нож, за кои се верува дека настанале кратко по нејзината смрт

Главата на шведската новинарка Ким Вал била пронајдена, два месеца откако таа исчезнала по средбата со данскиот бизнисмен Петер Мадсен на неговата подморница.

Главата била пронајдена во торба во која имало и две нозе, рекол данскиот инспектор Јенс Молер. Во друга торба биле пронајдени нејзините алишта.

Телото на Вал било пронајдено во морето 11 дена откако таа се сретнала со Петер Мадсен на неговата подморница на 10. август.

Мадсен (46) негира дека има врска со убиството и осакатувањето на нејзиното тело.

Молер рекол дека деловите од телото биле пронајдени по неколку нуркања во водите околу Копенхаген, а во торбите имало и парчиња метал.

– Вчера нашиот форензичар потврди дека станува збор за главата на Ким Вал. Немало фрактури на главата на новинарката – рекол тој.

Торбите биле пронајдени на само еден километар од местото каде било пронајдено и торзото на Вал на 21. август. На нејзиното тело биле пронајдени убоди од нож, за кои се верува дека настанале кратко по нејзината смрт.

30-годишната Вал последен пат била пронајдена жива на 10. август, кога влегла со Мадсен во неговата подморница “UC3 Nautilus”, за да му направи интервју за приказната која ја пишувала за него.

Нејзиното момче, откако не можело да ја контактира, следниот ден во полиција го пријавило нејзиното исчезнување.

Мадсен најпрво рекол дека ја оставил во Копенхаген, но подоцна ја променил изјавата и кажал дека нејзината смрт била несреќен случај, односно дека тешката врата од подморницата ја удрила во главата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top