четврток, 19 октомври 2017 | Вести денес: 107 ново

Промовирана монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“

- Вечерашниве сеќавања, верувам, сите заедно ги чувствуваме како уште една средба со светлиот лик на Светлана, со нејзиното врвно познавање на логаритамската таблица на животот и на чекорењето напред. Светлото име на Светлана се пишува во идно време“ – истакна меѓу другото поетот Лазаров

Промоцијата на монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“ се одржа вчера вчеравечер во Салонот 19.19, по повод одбележувањето на 65-годишнината од нејзиното раѓање и на една година од нејзиното физичко заминување.

– Денес се случува важен настан за колективната меморија на нашето општество, бидејќи објавувањето и промовирањето на монографија за личност од форматот на Светлана Антоновска е чин на исполнување на една морална обврска, којашто не ја имаат само главните двигатели на овој проект – нејзините најблиски, туку ја има и нашата држава… ја имаме и сите ние коишто сме ја имале честа да ги посведочиме илјадниците круцијални мигови кога Антоновска на само нејзе својствен начин знаеше да одговори на предизвиците. Обврска којашто и државата и ние ја имаме не само пред македонската челична дама, туку и пред историјата и пред новите генерации коишто треба да имаат сознание за личноста-модел на општествено одговорен граѓанин и професионалец. Светлана Антоновска е име, коешто за многумина е синоним на авангардноста во нивната младост, но и име коешто е синоним на македонската статистика… Име на првиот предводник на процесот на трансформација на македонската статистика и на втемелувач на европските стандарди во неа – беше истакнато во поздравното слово упатено од в.д. директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Промотори на монографијата беа поетот Ристо Лазаров, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов.

– Вечерашниве сеќавања, верувам, сите заедно ги чувствуваме како уште една средба со светлиот лик на Светлана, со нејзиното врвно познавање на логаритамската таблица на животот и на чекорењето напред. Светлото име на Светлана се пишува во идно време“ – истакна меѓу другото поетот Лазаров. „Најтешко ми е кога за некој како Светлана треба да кажам неколку реченици. Се плашам скудниот збор да не ја замагли светлината на сувереното знаење, интегритет и добрина што ја ширеше и што ја остави зад себе. Сега, со објавувањето на оваа монографија се појави како комета, зошто толку многу различни профили на луѓе, ширум светот ја носат во своите мисли и срца и говорат за неа. Имав среќа да ја запознам непосредно пред пописот во 1994 година. Докажа дека е статистичар, а не политичар. Спроведе европски попис во балкански амбиент – потенцира проф. д-р Сиљановска-Давкова, која рече дека за жал, 15 години по контраверзниот попис во 2002, македонските политичари не ја научија лекцијата дека пописот е статистика, а не етно-политика.

– Без статистички податоци нема политики кои креираат јавна вредност, туку само инструментализирана игра на измислени и замислени бројки. Светлана би рекла: ’Ни треба попис по стандардите на Евростат!’ – рече професорката.

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов, оцени дека монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“ е издание од формат којшто е редок во нашата средина и дека се работи за дело чиј квалитет е импонзантен.

Во завршницата на промоцијата се обрати и авторот на текстот и главен редактор на монографијата, Иван Антоновски.

Top