понеделник, 18 декември 2017 | Вести денес: 82 ново

СДСМ не донесе инвестиција, туку направи уште една матна зделка: „Галф“ ќе продава албанска нафта со сомнителен квалитет

Сомнежите дека на македонскиот пазар ќе влегува нафта од Албанија со сомнителен квалитет се кристализираат во факт. Бензиската станица на Супер Трејд во Скопје се ребрендираше под името на американскиот нафтен бренд Галф оил. Се најави мрежа на станици под истото име, но нема информација од каде ќе се набавуваат нафтените деривати.

Повод за дилемата дали се прави нов обид за протуркување на албанска нафта на македонскиот пазар е фактот што главен застапник за Галф оил за западен Балкан е албанската компанија Сан Петролеум која веќе има бензиска станица во струшко Радолишта, а со која стопанисува фирма со исто име од Скопје. Нејзин основач е офшор компанија од Делавер, САД а управител е лицето Иракли Сванидзе од Тбилиси, Грузија.

Фирмата Супертрејд како и Алоф Илинден, Црна Река Петрол Кавадарци,Гуливер Инженеринг и Дади Оил Виница беа посочени како фирми кои увезуваат нафта од Албанија, од истото место од кое нафатата се увезува и во Косово.Случајот се обелодени во пред два месеца откако Косово блокира 40 цистерни под соменение дела станува збор за неквалитетно гориво.Оправдувањето на дел од компаниите беше дека горивото е увезено од Албанија заради блокади на границата со Грција но сличен увоз се вршел и во 2016 кога Грчката границата не беше затворена.

Косовската царина спречи увоз на околу милион литри нафта и деривати од Албанија откако лабораториските супер контроли во 6-7 цистерни докажаа дека нафтата е неквалитетна и дека содржи огромни штетни концентрациии на недозволени материи. Цистерните беа вратени во Албанија а останатите беа пуштени на косовскиот пазар. Брендот Галф преку фирмата Сан Петролеум во Албанија постои од 2014 година а свои претставништва има и во Црна Гора и на Косово.
Последнава година зачестија сомнежите за квалитетот на увезените горива од Албанија, како и за последиците што неквалитетните деривати ги предизвикуваат врз животната средина и моторите на возилата.

Институции кои се надлежни за испитување на квалитетот на увезените нафтени деривати останаа неми на случувањата и покрај сериозните индиции дека сомнителна нафта од Албанија завршила на бензинските станици во земјава. Не се спроведоа вонредни конторли на горивата што се продаваат, а царинската управа не обелодени кој и колку нафта и нафтени деривати увезува од Албанија и каде, односно, на кои пумпи завршува горивото.

Вчера отворената безниснска станица Галф беше најавена како голема странска инвестиција која носи највисоки стандарди, но од фирмата Супер Трејд нема одговор од која странска земја е инвестицијата, дали станува збор за соработка со користење на брендот и кој е вистинскиот застапник на Галф, Супертрејд или Сан Петролеум. Дилемите и овој пат можат да ги разрешат само надлежните институции.

Неквалитетна албанска нафта ќе се продава и во Македонија

Дел од медиумите веќе ја отворија оваа афера и сомнежите дека се отвара простор на македонскиот пазар за пласман на неквалитетна албанска нафта.

Имено, пред нешто повеќе од два месеци медиумите пишуваа дека фирми од Македонија веќе на големо вршат увоз на неквалитетна нафта од Косово. Како аргумент беше изнесен фактот дека царинските работници на Косово блокирале 40 цистерни со нафта за влез од Албанија, Тогаш беше наведено дека станува збор за количината од милион литри неквалитетна нафта. На списокот компании кои годинава правеле увоз од Албанија, медиумите ги наведоа Алов Илинден- Скопје, Црна Река Петрол од Кавадарци, Супертрејд- Скопје, Гуливер инженеринг- Скопје и Дади Оил од Виница.

После оваа информации, практично имаше молк кој трае до денес и изостана одговор дали властите спровеле контрола при увоз на нафта од Албанија или сериозниот скандал ќе заврши само со блокираните цистерни на царина во Косово.

Изостана и одговор на прашањето каде завршило увезеното гориво од Албанија, односно на кои бензински пумпи се точело и дали се уште се продава на македонскиот нафтен пазар? Сомнежите дека е можно е да се увезувало неквалитетно гориво ги засили изјавата на претседателот на Здружението на бизниси, Фадил Бајрами, дека овој товар не е прв од ваков вид што се појавува во регионот.

Нема одговор ниту на еколошките аспекти од скандалот, односно колку таквото неквалитетно гориво загадува, колку е штетно по животната средина и на крајот колку возачите биле изложени на манипулација, односно им се точело гориво кое штетно влијаело и на самите возила? нема одговор ниту на прашањата дали горивата од Албанија ги задоволуваат стандардите за квалитет и дали воопшто се направени такви испитувања?

Како што тогаш беше наведено во медиумите, извршената анализа во царинската лабораторија, како и во две акредитирани приватни лаборатори во Косово, покажала дека нафтата не ги исполнува критериумите за квалитет. По трите извршени анализи, една од трите компании, за која се знаело дека е нарачател „ХИБ Петрол“ инсистирала на друга анализа, по што Царинската управа на Косово испратила мостри од нафтата за анализа во Македонија, која го потврдила истото.

Најсимптоматично е што во целиот скандал изостанува информацијата дали и надлежните инспекции во Македонија вршеле контрола на бензинските станици за квалитетот на горивото кое го нудат.

Медиумите, тогаш се повикаа на изјавата на Фадил Бајрами во која посочи „Ова е уште една потврда дека се увезуваат неквалитетни нафтени деривати, а не дека тие се „расипуваат“ на бензинските пумпи. И оваа количина на нафта беше наменета за косовскиот пазар. Доколку не се контролираше на граница, таа ќе беше дистрибуирана по бензиските пумпи. Потоа кога ќе беа земени мостри на дериватот од пумпите тие ќе беа казнети по најмалку 10 илјади евра за неквалитет без нивна вина“.
Тој отркил дека блокираната нафта во Албанија пристигнала од Шпанија, според него не е познато дали низ Албанија минала само транзит или била депозитирана пред да тргне за Косово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top