понеделник, 11 декември 2017 | Вести денес: 117 ново

ШК „Алкалоид“ повторно во борба за врвот на Европскиот клупски куп 2017

Најуспешниот клуб во шаховската историја на Македонија ШК „Алкалоид“ и актуелен Европски клупски шампион, оваа година повторно патува на најсилното клупско шаховско натпреварување  со амбиции за висок пласман. Турнирот  ќе се одржи од 8 до 14 октомври во Анталија, Турција. По историскиот резултат со освојувањето на Шампионската титула минатата година, ШК „Алкалоид“ повторно има цел освојување една од медалите. Најсилен конкурент и рејтинг фаворит на турнирот е екипата на „Глобус“ од Русија (поранешен „Сибир“, која беше шампион 2015 година).

Составот на „Алкалоид“ е ист како претходната година, по двајца врвни велемајстори од Кина, Украина и Русија, заедно со двајцата најдобри македонски шахисти: Динг Лирен, член на кинеска репрезентација и освојувач на златен медал на Олимпијадата 2014 и на Светското екипно првенство 2015, Ју Јанџи, исто така член на кинеската репрезентација со која освојува златен медал на шаховската Олимпијада 2014, Павел Ељанов, најдобриот украински шахист во моментов, кој со украинската репрезентација има освоено две олимписки злата, Дмитри Јаковенко, европски шампион за 2012 година, Дмитри Андреикин, светски јуниорски првак за 2010 година и шампион на Русија за 2012 година, Јури Криворучко, член на Украинската шаховска репрезентација, шампион на Украина за 2013 година, Филип Панчевски , член на Македонската шаховска репрезентација. Шампион на Македонија 2010, 2012, 2014, 2016, Трајко Недев, член на Македонската шаховска репрезентација, шампион на Македонија 1997, 2000 и 2011, Драгољуб Јаќимовиќ, селектор на репрезентацијата, капитен на екипата на ШК Алкалоид од 2009 година.

Составот на екипата е одраз на одличен тимски дух, играчи кои меѓусебно се почитуваат и соработуваат во интерес на постигнување најдобар резултат за клубот. Редоследот на играчите по табли Алкалоид ќе го објави на самиот почеток на натпреварите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top