четврток, 19 октомври 2017 | Вести денес: 102 ново

Секој човек може да го фрли каменот или да излезе од магичниот круг на анксиозноста и стравот

За анксиозноста е карактеристично тоа што најчесто е немотивирана и не е поврзана со некој конкретен објект, настан или личност. Психички знаци преку кои се манифестира анксиозноста се очекување на негативен исход, нарушен сон, намалено трпение, нарушување на концентрацијата, потреба за бегство и осамување. Физичките знаци пак можат да вклучуваат хипертенција, мускулна напнатост, гушење, болка во градите, чувство на слабост

Анскиозноста повеќе не е табу тема. За неа се говори се поотоврено, без стигма. Таа не напаѓа одредена група луѓе, односно никој не е имун на неа. Но, може ли да се излеле од магичниот круг на постојан страв и анксиозност? Јас тоа не би го нарекла круг, туку голем камен кој што луѓето го носат во рацете. Кога тој ќе натежне секој човек има избор да го фрли каменот за да почувствува олеснување, или пак да продолжи да го носи. Јас верувам дека секој човек може да го направи тоа, односно да го фрли каменот или да излезе од магичниот круг на анксиозноста и стравот, вели Бојана Стојменовиќ, психолог, семеен и системски советник.

Светски познатите личности, актери, спортисти, писатели отворено говорат за проблемите кои ги мачат и за својата борба со анксиозноста. Последна во низата беше Ема Стоун, моментно најплатената актерка во светот. Дали кај нас анксиозноста е уште табу?

СТОЈМЕНОВИЌ:  Стигмата околу анксиозноста веќе оддамна не е табу тема во светот, а ниту пак кај нас. Се повеќе влијателни луѓе јавно говорат за овој проблем и на тој начин праќаат суптилна порака дека анксиозноста не напаѓа само одредена група на лица и дека никој не е имун на неа. Луѓето кај нас не се плашат да прашаат или пак да побараат стручна помош, а за тоа говори фактот дека работилницата која што ја одржав на истата тема беше една од најпосетените.

Може ли да се излезе од магичниот круг на постојан страв и анксиозност?

СТОЈМЕНОВИЌ: Интересна е оваа метафора за анксиозноста. Јас тоа не би го нарекла круг, туку голем камен кој што луѓето го носат во рацете. Кога тој ќе натежне секој човек има избор да го фрли каменот за да почувствува олеснување, или пак да продолжи да го носи. Јас верувам дека секој човек може да го направи тоа, односно да го фрли каменот или да излезе од магичниот круг на анксиозноста и стравот. Психотерапијата во овој случај метафорички би била енергијата која што би се трансформирала во сила со која што би се кренал и фрлил каменот.

Успешноста во психотерапијата зависи пред се од упорноста, вољата и снагите на личноста, вели Стојменовиќ

Во која фаза од анксиозноста треба да се побара помош од психотерапевт?

СТОЈМЕНОВИЌ: Во психотерапијата правило е дека нема правило. Некои лица ќе се одлучат да побараат стручна помош веднаш штом ќе ги почувствуваат првите симптоми, а на некои лица пак ќе им биде потребно подолго време додека донесат таква одлука. Најчесто пред да се одлучат да побараат стручна помош лицата се соочувале со анксиозноста подолг период, се додека тоа не станало пречка во секојдневното функционирање.

Дали секое лекување е успешно? И дали за секој пациент одделно тоа „успешно“ е различно?

СТОЈМЕНОВИЌ: Успешноста во психотерапијата зависи пред се од упорноста, вољата и снагите на личноста. За поголема ефикасност на психотерапијата треба и поголема соработка и искреност со нас терапевтите. Секој психотераписки третман предизвикува промена, а тоа најчесто започнува уште во првата сесија која најчесто ја доживуваат и како мал земјотрес. А понекогаш дури и најмало поместување прави огромна разлика. Успешноста за секое лице е различна затоа што зависи пред се од нивната перцепција и очекувањата. Успешноста на психотерапијата е тесно поврзана со очекувањата со кои што доаѓаат лицата на терапија. Доколку едно лице очекува дека со терапијата анксиозноста ќе се намали, друго можеби ќе очекува дека со терапијата анксиознота целосно ќе ја снема.

Современиот начин на живот денес како едноставно да подразбира стрес. Дали стресот или пак стравот често се меша со анксиозноста?

СТОЈМЕНОВИЌ: Се согласувам дека современиот начин на живот едноставно како да подразбира стрес и некако анксиозноста како да стана синоним со стравот. Ако ги дефинираме сите поими одделно можеме да видиме дека иако меѓусебно се поврзани сепак станува збор за различни состојби. Анксиозноста е психичка состојба за која што карактеристично е јавувањето на чувство на мачнина, непријатност, вознемиреност, страв до степен на паника, внатрешен немир и психомоторна напнатост. За анксиозноста е карактеристично тоа што најчесто е немотивирана и не е поврзана со некој конкретен објект, настан или личност. Психички знаци преку кои се манифестира анксиозноста се очекување на негативен исход, нарушен сон, намалено трпение, нарушување на концентрацијата, потреба за бегство и осамување. Физичките знаци пак можат да вклучуваат хипертенција, мускулна напнатост, гушење, болка во градите, чувство на слабост.

Кои се основите правила, како да се справи човек кој доживува напад на паника? Може ли да дадете совет за оние кои не знаат да ги препознаат симптомите?

СТОЈМЕНОВИЌ: Постојат повеќе техники преку кои може да се совладаат паничните напади. Секако за нивна примена и учење како тие правилно да се применат треба и едукација и надзор од терапевтот. Паничните напади се дефинираат како психолошка состојба е пропратена со непријатни чувства кои се појавуваат без никакви претходни знаци или предупредувања. Овие напади можат да се случат во било кое време, на било кое место, без никакви знаци или предупредување.  Најчести симптоми на паничните напади се забрзано чукање на срцето, вртоглавица, несвестица, трнење на рацете и прстите, став од ненадејна смрт, болка во градите, тешкотии при дишењето, губење на самоконтролата, ладна пот. Стравот и чувството на непријатност се постојано присутни во текот на паничниот напад кои навистина можат да бидат многу интензивни.

Стравовите кои што се јавуваат при оваа состојба не се реални стравови

Какво е вашето искуство, дали расте бројот на анксиозни лица? Каков е соодносот меѓу помладите и повозрасните?

СТОЈМЕНОВИЌ: Според моето искуство би кажала дека луѓето се поподготвени да побараат стручна помош затоа што веќе како да се трга мистичноста и стигмата околу анксиозноста и паничните напади. Не постои правило дека некоја возрасна група би била поподложна на потешкотиите кои што ги носи оваа психолошка состојба, но можам да констатирам дека се поместува возрасната граница, а тоа пред се се должи на стресот кој се повеќе е присутен во нашето секојдневие.

Кои се стравовите со кои најчесто треба да се изборат лицата кои се анксиозни? Дали се тоа релни или пак нереални стравови?

СТОЈМЕНОВИЌ: Стравовите кои што се јавуваат при оваа состојба не се реални стравови. Како што напоменав, анксиозоста не е предизвикана од некоја конкретна личност, објект или настан. Но многу често се јавува агорафобија, односно страв од отворен простор како последица од паничните напади и анксиозноста. Многу често паничниот напад се случува на јавно место или отворен простор, а стравот дека тој повторно ќе се повтори влијае на слободата на движење на личноста па така тоа најчесто се развива во агорафобија.

Top