недела, 17 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Слободан Милошевиќ пред 17 години падна од власт во Србија

Пред 17 години заврши владеењето на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, а одбележувањето на петтооктомвриските демонстрации веќе речиси и да не постои.

Според српските медиуми, 5 октомври помалку претставува некаков празник, а многу повеќе симбол на прокоцкана доверба и неисполнети очекувања.

За помладите генерации тој датум нема некаква вредност, додека за повозрасните 5 октомври е можност да се потсетат каде се наоѓале, што правеле и на што се радувале во таа 2000 година, но и што очекувале а што добиле на крајот од масовните собири против Милошевиќ.

Многумина признаваат дека една тешка и болна ера навистина е завршена на тој ден и макар мал дел слобода е освоен, но очекувањата од она што требало да следува биле далеку поголеми од тоа што навистина се оствари.

Од друга страна, за политичарите 5 октомври претставува идеална сцена. Всушност во изминатите години некои од нив ги замениле улогите, па наместо учесниците во протестите и „победниците“ на тој датум, за овој ден повеќе зборуваат оние, кои тогаш сметале дека се „поразени“ страни.

Актуелен претседател на Србија и лидер на најмоќната партија во земјата СНС е Александар Вучиќ, некогашен министер во владата на СПС-СРС-ЈУЛ, а денес на власт е и портпаролот на Милошевиќ – Ивица Дачиќ, потоа Александар Вулин, но и еден од лидерите на ДОС – Расим Љајиќ.

Во 2016 година сегашниот министер за одбрана Александар Вулин и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ зборуваа за петтооктомвриските демонстрации како за нешто кое на српскиот народ „не му донело ништо добро“, додека лидерите на сегашната опозиција главно молчеле и биле тивки.

Протестите на 5 октомври почнаа бидејќи Милошевиќ одби да ги признаe резултатите од изборите за претседател на СР Југославија од 24 септември 2000 година, на кои изгуби од кандидатот и лидер на Демократската партија на Србија, Војислав Коштуница.

Демонстрантите пристигнаа во Белград од цела Србија, со автобуси, автомобили и со камиони во колони долги десетина километри. Тие со булдожери ги пробиваа полициските блокади на патиштата и се собраа пред Сојузното собрание во центарот на градот.

Во вечерните часови, од терасата на градското собрание на Белград, на граѓаните им се обрати новиот претседател на СРЈ, Војислав Коштуница, а следниот ден, 6 октомври, Милошевиќ го призна избориниот пораз и му честиташе на Коштуница.

Слободан Милошевиќ беше уапсен во април 2001 година, под обвинение за финансиски малверзации, а два месеца подоцна беше испорачан на Хашкиот трибунал каде му беше судено за геноцид во Босна и Херцеговина, како и за воени и злосторства против човештвото во Хрватска и на Косово.

Почина на 11 март 2006 година од инфаркт, во притвор на Хашкиот трибунал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top