недела, 17 декември 2017 | Вести денес: 0 ново

Хрватска негира дека извезува оружје во Сирија

Првиот човек на хрватската владина Агенција за надзор на производството и извозот на оружје и воена опрема (АЛАН), Ивица Некиќ денеска ги негираше тврдењата дека од аеродромот „Ријека“ на островот Крк биле превезувани оружје и муниција за Сирија.

Тврдењето дека аеродромот на Крк бил користен за транспорт на оружје и муниција за Сирија, беше наведено во анализа на Балканската истражувачко репортерска мрежа (БИРН), објавена на порталот „Балкан инсајт“.

Некиќ во својата реакција наведува дека ваквите тврдења не се втемелени на факти и дека „не држат“.

Според него, станува збор за „нормални зделки“, особено од причина што низ Хрватска минуваат многу меѓународни коридори.

– Ве уверувам дека стоките се транспортираат во согласност со сите хрватски и меѓународни закони и врз основа на дозволи, до дестинации каде што можат да се превезат согласно меѓународните закони, изјави Некиќ.

Тој натаму нагласи дека преку територијата на Хрватска стоки превезуваат „не само Американците, туку и сите партнери од НАТО, но и земји кои не се членки на Алијансата“.

– Се што се прави се прави според законот и не држат оние претпоставки што можеа да се прочитаат, додаде Некиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top