петок, 24 ноември 2017 | Вести денес: 1 ново

Ликовната група „77“ ќе одбележи 40 години работа со изложба

Димитар Кочевски – Мичо, Свето Манев и Илија Кочовски вечерва ќе одбележат 40 години заедничка работа со изложба во НЛБ Банка. Уметниците, кои творат како ликовна група „77“, со почеток во 20 часот, ќе ја презентираат ретроспективната поставка во НЛБ Галеријата,лоцирана во дирекцијата на Банката (на улица Мајка Тереза 1 во Скопје)

Тројцата членови на групата „77“ за досегашното творештво се закитиле со низа признанија. Димитар Кочевски – Мичое добитник на наградата за најдобар театарски плакат на „Војдан Чернодрински“, како и на ноемвриската награда на град Битола. Илија Кочовски е освојувач на наградите Екс Либрис во Риека, како и на откупната награда на НУБ „Климент Охридски“, на 30 графичка изложба на ДЛУМ. Свето Манев е добитник на наградата „Лазар Личеновски“ за сликарство на 15 зимски салон на ДЛУМ и на „Методија Ивановски Менде“ на 26 изложба „Сликарство мал формат“. 

Со самата појава на ликовната група „77“ во 1977 година се наѕира и нивната порака за многу посмел и многу посовремен пристап во откривањето на нови можности во ликовниот пристап и на полето на тематската и на колористичката ангажираност, се разбира, кај секој од нив со посебен ликовен израз во зависност од ликовниот афинитет. Тие смело ги прифатија новите стремежи во ликовното творештво, надминувајќи го традиционалното со свеж израз на поинаков светоглед, со поинакви и посовремени асоцијативни елементи.

Секој член од оваа елитна ликовна група има свое видување, нуди свој специфичен ликовен репертоар со проверени и докажани ликовни вредности со посебен и особен израз, естетика, ликовна индивидуалност, ангажираност и дијаметрално различни творечки инспирации. И кај секој од нив, индивидуалниот ликовен егзистенцијализам е различно сфатен и никој никому не нуди правец и стил, зашто и правецот и стилот се само индивидуален и израз и одраз на платното поставено на сопствениот штафелај и секој слободен во својата имагинација и сопствената креативна идеја и визија.

Димитар Кочевски – Мичо, Свето Манев и Илија Кочовски се појавија како нова ликовна авангарда не само во ликовниот живот на Битола, туку и многу пошироко, за нивната уметничка ликовна дејност да почне да блеска во просторот и низ времето и да трае полни четириесет години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текст е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторска содржина (текстови и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top