среда, 18 октомври 2017 | Вести денес: 109 ново

Ракометарките ја пречекуваат Србија

По убедливиот пораз на гостувањето во Шведска, македонските ракометарки денеска се соочуваат во вториот фаворит за освојување на едно од првите две места во групата, селекцијата на Србија.
Србинките во првиот натпревар од квалификациите за Европското првенство славеа над Фарските острови со 36:20 додека нашата селекција е поразена од Шведска со 38:26.

„Сите знаеме дека Шведска и Србија се фаворити во оваа група. Свесни сме за квалитетот и искуството што го поседува репрезентацијата на Србија. Го анализиравме нивниот натпревар со Фарски Острови, добро се покриени на сите позиции, имаат искусни репрезентативки што играат на високо ниво во големи клубови, што нас ни недостасува. Повозрасни се и многу поискусни од нас, но тоа не смее да биде никакво алиби за нас. Не е се предаваме однапред и ќе настојуваме да одиграме на највисоко ниво. Ќе се обидеме да ја играме нашата игра и достојно да се спротивставиме”,
изјави селекторот на нашата репрезентација Симе Симовски.

За разлика од претходните настапи во репрезентацијата на Србија се враќа голманката Катарина Томашевиќ, а најголемо засилување е Андреа Лекиќ.
Мечот во салата на СРЦ Кале почнува од 19 часот, а во вториот натпревар од нашата група Фарски острови се домаќини во соочувањето со Шведска, а стартот е закажан за 17 часот.

Top