вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 1 ново

Мисајловски: Имаме јасна визија, конкретна и точна програма – од ветеното не бегаме (фото + видео)

 

Вечерва беа промовирани кандидатите за градоначалници и советници во Ѓорче Петров.

-Поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, поддршка за Владо Мисајловски за градоначалник на Општина Ѓорче Петров.Секогаш работа, секогаш Македонија-напиша Коце Трајановски на својот Фејсбук профил.

Мисајловски во своето обраќање пред огромниот број присутни во Домот на културата истакна дека без граѓаните, ништо нема да може да се направи.

-Кога ја добив понудата да се кандидирам за градоначалник веднаш прифатив. Тука сум роден, тука сум израснат, целиот живот сум го поминал меѓу вас и затоа имам толку голема енергија. Мојата енергија ќе биде од вас за вас, рече кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.

Мисајловски истакна дека имаат јасна визија, цел, конкретна и точна програма за Општина Ѓорче Петров да стане уште подобро место за живеење, модерно и урбано за сите граѓани.

-Водејќи се од потребата за современо живеење посетивме многу куќи, се видовме со многу жители, ги видовме сите потреби и ветивме. А од ветеното не бегаме. Ден по ден, проект по проект заеднички ќе реализираме. Се што сме ветиле за доброто на нашите деца, за сите, за Ѓорче, најубавото Ѓорче во Град Скопје. Инфраструктурата ќе биде мој најголем приоритет, нема да дозволиме да има неасфалтирани улици во Ѓорче Петров. Во наредниот планирано е да се асфалтираат над 100 улици во Ѓорче Петров. За да ја зголемиме безбедноста, заедно со Градот Скопје ќе изградиме нови кружни текови. Не помалку важно, но приоритетно и е подобрување на водоснабдувањето и изградба на канализационите мрежи, нови паркинг места, осветлување низ општината, изградба на рекреативни патеки. Сето ова се проекти излезени од вашите потреби, истакна Мисајловски пред големиот број граѓани, рече Мисајловски.

Тој потенцираше дека социјалниот аспект е особено значен, па нагласи дека две нови градинки ќе бидат изградени во општината, а постоечките ќе се реконстуираат со цел зголемување на капацитетите.

Реконструкција на неколку основни училишта, изградба на спортски сали, бесплатен интернет за сите ученици, изградба на детски игралишта во секое маало во општината, изградба на баскет игралишта, паркови, како и целосна финансиска поддршка за ФК „Македонија Ѓорче Петров“, се дел од големиот број проекти предвидени во програмата на Мисајловски за Општина Ѓорче Петров.

-Еден од многуте проекти ќе биде изградбата на најубав модерен парк со сите пропратни содржини на местото на сегашниот парк. Ќе имаме најубав парк во цел град. Ова е тим за победа кој доследно ќе стои зад секое ветување во програмата. Ветиме: асфалтирање на 25 улици во Кисела Јабука, асфалт ќе добие и Ново Село, седум улици во Стопански Двор, асфалтирање на 35 улици во Волково. Ќе се асфалтираат и улици во Дексион, Ѓорче Петров, Хром, Даме Груев, Мирче Арцев, посочи тој.

Кандидатот за градоаначлник истакна дека нов кружен тек ќе биде изграден на булеварот „Македонска војска“ и улица „Ѓорче Петров“. Во делот на комуналната сфера, вели тој, ќе се изгради систем за снабдување со вода во високата зона во Ѓорче Петров, а ќе биде доизградена и канализацијата во Волково, како и колектор за фекални води.

-Предвидовме секоја година да издвојуваме средства за одржување и изградба на пешачки и велосипедски патеки, како и одржување на тротоарите. Ќе направиме целосна реконструкција на целото осветлување на територија на цела општина Ѓорче Петров. ќе ги осветлиме паркинзите и училишните дворови. Ќе инвестираме во реконструкција на основните училишта и изградба и реконструкција на салите. Во програмата предвидовме реконструкција на ОУ „Ѓорче Петров“ и ОУ„Јоаким Крчовски“ во Волково, како и ОУ „Тихомир Милошевски“, ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“. Ќе изградиме нова спортска сала, ќе ги реконструираме фискултурните сали во две основни училишта. За учениците предвидено е бесплатен интернет во сите училишта. Еден од приоритети е изградба и на нови градинки. Градинка во Волково со капацитет од 100 дечиња и во Ново Село за 80 дечиња. Ќе се зголеми и капацитетот на три градинки, во Хром, Мирче Ацев и Дексион. Во сите градинки ќе се набави нов мебел, реквизити и играчки, вели Мисајловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top