четврток, 19 октомври 2017 | Вести денес: 109 ново

Србов: Скандалозна е одлуката на Државниот инспекторат за локална самоуправа да ги запре референдумите

Владата предводена од СДС во континуитет го крши Уставот на Р. Македонија! Скандалозна и незаконска е одлуката на Државниот инспекторат за локална самоуправа, донесена под диктат на Заев и владата, да ги запре решенијата на општините со кои е одлучено да се организираат референдуми за доселувањето на мигранти, вели на денешната прес-конференција Никола Србов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Според член 2 од Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта, освен што ја остваруваат преку демократски избрани претставници, ја остваруваат и директно преку референдум, граѓанска иницијатива и други облици на непосредно изјаснување, истакнува Србов.

Тој додава дека Уставот на Република Македонија, Европската повелба за локалната самоуправа на Советот на Европа, како и Законот за локална самоуправана РМ го гарантира правото на локална самоуправа на сите граѓани во земјата.

-Согласно член 5 од Законот за локална самоуправа, правото на локална самоуправа граѓаните го остваруваат непосредно преку референдум и граѓанска иницијатива. Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Уставот, Европската повелба, како и Законот за локална самоуправа ниту го ограничува, ниту го забранува правото на референдумско изјаснување на граѓаните за прашања што имаат изразено локално значење, и за прашања со силно изразен јавен интерес на граѓаните, посочува членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Србов нагласува дека со оглед на она што го предвидува Уставот и донесената одлука од Државниот инспекторат сметаме дека надлежните во Државниот инспекторат не ја познава својата надлежност и материјата на која работи, ниту надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија и поради тоа презема скандалозни чекори и ја блокира волјата на граѓаните со донесување на незаконски акти и делувања.

-Владата на СДС ја повикуваме својата неукост да ја поткрепи читајќи го Деловникот на Уставниот суд каде пишува дека единствен орган во Република Македонија кој има право да одлучува за незаконитоста на пропис и друг општ акт во време на нивното важење е Уставниот суд, и ниту еден друг орган, па оттаму ниту Државниот инспекторат. За законитоста за одредени прашања единствено одлучува Уставниот суд на Република Македонија и оттука инспекторатот за локална самоуправа нема право да ги запре решенијата на општините или да ја преиспитува нивната законитост. Сомневањата на Инспекторатот се дека општините го прекршиле член 20 од Законот за локална самоуправа кога донеле решенија за организирање на локалните референдуми. Токму членот20 и членот 21од Законот за локална самоуправа го дава правото на општините да организираат референдуми. Во него стои дека општините, во рамките на законот,во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт, нагласува Србов.

Тој вели дека владата на СДС на чело со Зоран Заев и Мила Царовска излезе со стратегија за трајно населување на мигранти во Македонија кои ќе добијат работно место и стан од државата во услови кога македонската економија се движи во надолна линија заради политиката на новата Влада а започна да расте и невработеноста.

Србов посочува дека ваквата одлука е најдобар показател дека владата на Заев се плаши од мислењето на народот и сака по секоја цена да ја спроведе програмата за масовно доселување на мигранти во државава.

Top